Жителите на Идризово инсистираат за отварање на албанска паралелка- Општина Гази Баба не дозволува


Жителите на Идризово веќе 24 дена бараат да се отвораат паралелки на албански јазик во училиштето во Његош-Идризово. Игнорирани од институциите бараа помош и од странците. Вчера отидоа во Амбасадата на САД во Скопје, за да се жалаат дека нивните деца останале дома и дека не можат да одат на училиште. Во преписката доставена до странците пишува – бараат технички средства за настава на албански јазик од 6 до 9 одделение.

На барањето на жителите на Идризово денеска одговорија од општина Гази Баба. Тие испратија образложение зошто не е можно да биде формирана паралелка во ова училиште:

,,Вашето барање е доставено после почетокот на учебната 2019/2020 година, со што го скративте и времето и можностите позитивно да одговориме на Вашето барање. На вашето барање беше посветено внимание од повеќе аспекти, првенствено испитувајќи ги законските можности и услови за отварање на нова паралелка, финансиските импликации од истата, надлежноста на органот кој има такво право и сл. Притоа, утврдивме дека согласно член 53 од Законот за основното обазование, паралелка може да се формира и за ученици од 20-30, при што во посебни услови паралелка може да се формира и за ученици каде што бројот на ученици е помал од 20, со посебна Одлука на основачот на училиштето, а тоа е Советот на Општина Гази Баб, по претходно добиено позитивно мислење од Министерството за Финансии. Фактот што барањето се однесува за формирање на паралелка од 11 ученици во 6 одделение кои наставата ќе ја следат на албански јазик ја отежнува состојбата, поради законските ограничувања. Дополнително, треба да се има во предвид дека за формирањето на новата паралелка ќе требаат дополнителни вработувања на најмалку 10 наставници, што би значело добивање на согласност и од Министерството за финансии“, .

Од Општина Гази Баба велаат дека проблемот за оваа година e решен со обебзедување превоз на учениците до с.Огњанци каде има албанска паралелка, а барањето за отварање на паралелка на албански јазик во училиштето во Његош ќе биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници на Советот, при што ќе биде направена анализа и за учениците кои во наредниот период би следеле настава на албански јазик.

Родителите на учениците Албанци предупредуваат дека ако не се најде решение за нивните барања, ќе ги радикализираат протестите. Пред две недели тие протестираа и ја бојкотираа наставата. По тој протест, и родителите Македонци протестираа и бараа да не се отворат паралелки на албански јазик. (А.М.)