Жител на Кочани пронајден мртов во Љубљана


До македонската амбасада во Љубљана е доставено известување дека во текот на ноќта на 2
октомври, животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани, соопшти Министерството за надворешни работи.

Од таму велат дека согласно информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се веќе известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција.

„Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во контакт со семејството на
починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната
конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката“, велат од МНР.

Словенечки медиуми објавија дека 38-годишен маж од Северна Македонија починал во центарот на Љубљана и дека причината за смртта сè уште не е разјаснета.

Словенечкиот портал 24.ur.com објави дека неговото тело е пронајдено во четвртокот во раните утрински часови, а според неофицијални информации, тој бил претепан до смрт, што полицијата не го потврдила.

„Полициските службеници извршија увид на местото на настанот, наредена е обдукција, а
причината за смртта сè уште не е утврдена. Во тек е интензивна кривична истрага. Надлежното државно обвинителство ќе биде информирано за сите наоди“, изјави портпаролката на полицијата.

Полицијата, исто така, не ги потврди наводите дека починатиот маж е пронајден на „Метелкова“.