Жерновски за Мицкоски: Техничката влада ќе ја укинува, реконструкцијата уште ја најавува


Екс амбасадорот Андреј Жерновски ја карикира офанзивата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката влада, за што е закажана лидерска средба во среда, оценувајќи дека се се случува во Македонија освен две работи што секогаш се „во подготовка“ – реконструкција на сегашната влада и реформите.   
 
-Премиерот Мицкоски најави укинување на техничката влада. Голема тема. Историска реформа! Конечно ќе се расчистело со „техничките експерименти“.Само има еден “мал” проблем- ова го најавува премиер кој со месеци најавува реконструкција на сопствената влада… и никако да ја направи.
 
На 25 август 2025, Мицкоски најави дека по локалните избори ќе следува реконструкција на Владата. Јасно, гласно и самоуверено. „Ниту една функција не е вечна“, рече.Локалните избори поминаа во октомври. Функциите – останаа.
 
На 6 ноември 2025, Мицкодки со нова изјава: реконструкција по партискиот конгрес. Причина? Партиски конгрес, подготовки, внатрешна консолидација. Со други зборови: Владата може да почека, партијата – не.
 
На 1 декември 2025 следува уште една најава за реконструкција, со повторување на истата формула: никој не е незаменлив, ќе има промени. Само без датум. Без рок. Без обем.
 
Сега слушаме нова „голема“ најава: укинување на техничката влада.Испаѓа дека полесно е да се укине цел изборен механизам воспоставен со закон, отколку да се спроведе реконструкција што самиот премиер ја најавува веќе половина година.И додека реконструкцијата на владата патува од датум до датум, ни се нуди уверување дека предвремените избори, кои со душа ги најавуваат меѓу своите, ќе бидат фер и без постењето на техничка влада. Да заклучиме. Денеска во Македонија, очигледно, има две работи што секогаш се „во подготовка“:
 
– реконструкцијата на Владата;
– реформите што никогаш не стигнуваат до реалноста;
 
Сè друго се случува. Само одговорноста – не, заклучува Жерновски од СДСМ.