Жерновски за Мицкоски: До вчера тврдеше дека едвај врзувал крај со крај, сега – дека добро заработувал!
Премиерот Христијан Мицкоски се најде на удар на силни критики откако место по средби и разговори, она по што стана забележан во Давос беше неговиот скап часовник. Со оглед на тоа дека неговиот анкетен лист во ДКСК не дава реална слика за неговата имотна состојба и никому не му е јасно од каде точно му се парите со кои се расфрла, неговите часовници овие денови се топ тема, но нема закон за проверка на потекло на имот што би дал одговор на дилемите во јавноста.
Со последна реакција се јави и екс амбасадорот Андреј Жерновски, кој реакциите на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема ги оцени како паника пред вистината
„Иако во Давос присуствуваа 65 шефови на држави и влади, Мицкоски не оствари средба со ниту еден од нив. Не се истакна ни со предлози и иницијативи од државен интерес, туку по вредноста на часовникот на неговата рака. Симболиката е поразителна: луксуз на премиер кој претставува држава на дното на Европа по минимална плата, во која 400.000 лица живеат под прагот на сиромаштијата и преживуваат од месец во месец.
Ова не е прашање на вкус, туку на морал и политичка чувствителност. Во земја каде граѓаните бројат денари за се’ поскапите сметки за храна, лекови и струја, премиерот испраќа јасна порака – дека за него луксузот е поважен од реалноста на народот.
Уште попоразителна е паничната, конфузна и трагикомична одбрана на неговата партија. Преку официјално сооштение не’ укорија дека „Мицкоски добро заработил пред да биде премиер“, иако истиот тој Мицкоски до вчера јавно зборуваше „едвај врзувам крај со крај“ и “не ми стига платата за сметки и храна, па седиме дома во топла облека и не пуштаме грелици, седиме со џемпери и шалови”.
Денес, Мицкоски не само што се оддалечи од граѓаните – тој отворено им се потсмева. Се повикуваше на сиромаштија кога тоа му носеше политички поени, а денес се крие зад приказна за „добро заработени пари“ кога треба да објасни луксуз што не може да го оправда.
Ова е слика на власт што го изгубила компасот, на партија без капацитет, политичка доследност и елементарна искреност, и на премиер кој во Давос не ја претставуваше Македонија, туку сопствениот стил на живеење – скап, арогантен и целосно отуѓен од народот.Часовникот му е скап.Вистината – уште поскапа!- напиша Жерновски на социланите мрежи.