Жерновски: Од национализам преминавме кон интернационализам
Заменик-министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Андреј Жерновски, оствари средба со Делегација на Одборот за европски работи на Саборот на Република Хрватска, предводена од претседателот на Одборот, Домагој Милошевиќ, на која беа реафирмирани одличните и пријателски билатерални односи меѓу двете држави, како темел за натамошна успешна соработка во сите сфери од заемен интерес.
Жерновски, како што соопшти МНР, упатил благодарност за силната и безрезервна поддршка од Република Хрватска за евро-атлантските интегративни процеси на Република Северна Македонија. Во тој контекст, нагласил дека нашата земја постигна суштински напредок како на домашен, така и на надворешен план и оти очекува земјите-членки на ЕУ да го земат предвид исклучителниот степен на исполнување на обврските и нашата целосна подготвеност за почеток на преговорите да биде валоризирана со определување на конкретен датум, на следните самити на Советот на ЕУ.
-За еден краток период, успеавме од национализам да преминеме кон интернационализам, истакнал Жерновски на средбата, при што оцени дека Република Северна Македонија направи голем исчекор кон стратешките цели за ЕУ и НАТО интеграцијата.
Соговорниците од Хрватска изразиле силна поддршка за интегративните процеси во Република Северна Македонија, за што говори и упатеното писмо од нивна страна до претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, како и до премиерката на Романија, Виорика Данчила, земја претседавач со Советот на ЕУ, во кое од европските лидери се бара неодложна одлука за определување на датум за преговори за РСМ на престојниот јунски Самит.
-Таквата конкретна одлука ќе значи признавање на остварениот напредок, реализиран во комплексен политички контекст, ќе биде од интерес на сите семји од Југоисточна Европа, а ќе придонесе и за стабилноста не само на регионот, туку и на цела Европа, се наведува во писмото.
Делегација на Одборот за европски работи на Саборот на Република Хрватска кои престојува во официјална посета на Република Северна Македонија во периодот 4-ти до 6 јуни.