Жерновски: Изборот на советник на премиерот за уставен судија е сигнал за политичко потчинување
Екс амбасадорот Андреј Жерновски реагира на информацијата дека советник на премиерот е избран за нов уставен судија во време кога се прави судска реформа наводно за да се обезбеди независноста на правосудството.
„Одлуката на премиерот Мицкоски да предложи свој советник за уставен судија не е административен потег. Тоа е политички сигнал. И сигналот е јасен: наместо јакнење на институционалните баланси, сведоци сме на операции за нивно потчинување.
Уставниот суд има задача да ја штити уставноста и законитоста, да ги контролира законите и одлуките на извршната и законодавната власт и да поставува граници таму каде што политиката сака да ги избрише. Тој не суди по жалби – тој пресекува дали власта го почитува Уставот.
Кога премиер предлага човек од својот најтесен советнички круг за уставен судија, се отвора сериозен институционален проблем. Како ќе одлучува за уставноста на владините политики некој што до вчера бил дел од тимот што ги креирал? Како ќе поништи акт на извршната власт со која бил директно поврзан?
Во општество кое веќе има горчливо искуство со концентрација на моќ, ваквите чекори неминовно будат асоцијација. Методите на постепено ставање на институциите под политичка контрола беа видени во времето на Никола Груевски — прво кадровски решенија, потоа институционална послушност, а на крај заробена држава. Македонија скапо ја плати таа лекција.
Но ова прашање има и поширока димензија. Во момент кога европските партнери внимателно ја следат состојбата со владеењето на правото, ваквите потези испраќаат крајно загрижувачки сигнал. Наместо демонстрација на институционална зрелост и реална посветеност на реформската агенда, гледаме како клучните контролни механизми се ставаат под политичко влијание.
Европската унија очекува функционални механизми на контрола и баланс, а не нивна ерозија. Со вакви одлуки, државата не се приближува кон европските стандарди — таа се оддалечува од нив.
Изборот е политички. Но, последиците ќе бидат режимски. Зашто кога контролорот ќе стане дел од контролираниот, демократијата престанува да биде систем – и станува фасада“,реагира Жерновски.