Жените во Пелагонискиот регион за прв пат добиваат можност за медикаментозен абортус близу местото на живеење
ХЕРА и Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола го отворија првото Советувалиште за медикаментозен абортус надвор од Скопје, проширувајќи го пристапот до безбеден абортус и современи услуги за сексуално и репродуктивно здравје во Северна Македонија. Ова Советувалиште, покрај тоа во Скопје, е второ во рамки на јавното здравство во Северна Македонија. Со тоа, за првпат жените од Пелагонискиот регион, како и од соседните региони, добиваат пристап до оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење, што е предуслов за навремена, достапна и реално остварлива услуга.
Со отворањето на Советувалиштето во Битола значително се намалуваат географските,
финансиските и организациските бариери со кои досега се соочуваа жените од Пелагонискиот регион и пошироко, а особено жените од руралните средини, ранливите и маргинализираните заедници, за кои патувањето до Скопје често претставуваше дополнителен товар и пречка за навремен пристап до здравствена грижа.
Советувалиштето во Битола е воспоставено по моделот развиен на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, каде услугата успешно се обезбедува од 2021 година. Во рамки на партнерството со ХЕРА беа адаптирани просторот и условите за работа, набавена е потребната медицинска опрема, обучен е здравствениот тим, а преку менторство и размена на практични искуства од страна на експертите од Универзитетската клиника се воспостави нов и одржлив капацитет во рамки на јавното здравство.
„Како јавна здравствена установа, наша обврска е постојано да ги развиваме услугите што им ги нудиме на граѓаните. Отворањето на ова Советувалиште е дел од таа заложба – да воведуваме современи здравствени услуги, да ги јакнеме капацитетите на здравствените работници и да градиме болница во која пациентите имаат доверба. За една јавна здравствена установа, воведувањето на нова здравствена услуга е истовремено и можност и одговорност. Затоа особено ја цениме соработката со ХЕРА и стручната поддршка од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, кои ни помогнаа ова Советувалиште да го воспоставиме според највисоките професионални стандарди“, изјави спец. д-р Ненси Лозанче, директорка на ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола.
„Како гинеколози, наша обврска е на пациентките да им обезбедиме здравствена грижа што се темели на научни докази и современи медицински стандарди. Со воспоставувањето на ова Советувалиште, жените за првпат ќе можат да добијат целосна здравствена услуга за медикаментозен абортус во нашата болница, во безбедна, доверлива и достоинствена средина, согласно препораките на Светската здравствена организација и националните клинички упатства“, изјави спец. д-р Михајло Вангелов, раководител на Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола.
„Вредноста на здравствените политики не се мери според бројот на усвоени документи, туку според тоа дали тие се претвораат во реални здравствени услуги достапни за граѓаните. Денес го правиме токму тоа. Податоците од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство покажуваат дека 93,5 % од абортусите се медикаментозни кога оваа услуга е достапна, што потврдува дека жените ја препознаваат како безбедна, прифатлива и современа метода.
Отворањето на Советувалиштето во Битола претставува важен чекор кон зајакнување на репродуктивната слобода на жените и обезбедување еднаков пристап до квалитетни услуги за сексуално и репродуктивно здравје “, изјави спец. д-р Велимир Савески, претседател на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Медикаментозниот абортус е безбедна, високо ефективна и неинвазивна метода за прекин на бременоста, препорачана од Светската здравствена организација како стандарден дел од современата здравствена заштита. Кога се обезбедува согласно клиничките упатства, методата е успешна во повеќе од 95 % од случаите, поврзана е со помал ризик од компликации и овозможува поголема приватност, достоинство и комфор за жените. Податоците од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје за 2024 година покажуваат дека 93,5 % од сите абортуси биле извршени со медикаментозна метода, што јасно потврдува дека кога оваа услуга е достапна, жените ја препознаваат како безбедна и прифатлива опција.
Проширувањето на пристапот до современи услуги за сексуално и репродуктивно здравје претставува инвестиција во јавното здравство, но и во еднаквоста, достоинството и здравјето на жените. Само здравствен систем што обезбедува навремен и еднаков пристап до квалитетни услуги за сите, вклучително и за жените од ранливите и маргинализирани заедници, може вистински да одговори на потребите на граѓаните.
Советувалиштето за медикаментозен абортус е воспоставено во рамки на проектот „Проширување на пристапот до безбеден абортус во Република Северна Македонија“, кој ХЕРА го реализира со поддршка од Safe Abortion Action Fund и Меѓународната федерација за планирано родителство.