Жените се убивани и тепани. Огромниот дел молчат за насилството, државата исто така

Превенција речиси и да нема. Шелтер центрите се без кадар и услови. Од 2008 до 2020 година убиени се 96 жени. Последниот случај во Кочани е ужасен


 

Освен скопските и велешкиот, другите шелтер-центри за жртвите на семејно насилство не функционираат. Проблеми има и кај функционалните: нема доволно кадар, несоодветни просторни услови, нема надзор и обезбедување. Проценка на ризик вршат лица кои не се обучени за тоа, па случаите не стигнуваат до оние што се вистински надлежни.

Сите овие системски проблеми, придонесуваат, жените жртви на насилство, да бидат потенцијални жртви на убиство.

Последното што се случи е она во Кочани, пред два дена, кога 46-годишна жена до смрт беше избодена дури со 40 удари со нож од својот љубовник, кој подолго време ја уценувал за пари, заканувајќи се дека ќе објави компромитирачки материјали.

Од Националната мрежа против насилство врз жени бараат најстрога казна за убиецот, кому му е одреден 30-дневен притвор, повикувајќи се на најновите измени на Кривичниот законик кои важат од март годинава, каде има посебна квалификација со отежителни околности убиство на жена или девојче што не наполнило 18 години, за што е предвидена казна од најмалку 10 години до доживотен затвор.

Легислативата јака, на терен работите се близу нула

Направени се некои измени во Кривичниот законик, има измени во Законот за бесплатна правна помош, и во некои други закони, така што на хартија, односно на легислатива, не стоиме толку лошо.

 

„Заштитата, односно превенцијата, е на загрижувачно, да не речам, непостоечко ниво. Превентивна активност не е во рамки на кампања, 16 дена активизам, да излезеш и да направиш нешто… нема никаква едукација, нема промени во образовните модули за да се воведе ненасилство, сѐ тоа се спроведува како дополнителна активност, не како редовна“, ни вели Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените.

Таа додава дека кај заштитата има еден друг значителен проблем, така што ако се обратите во Министерствотго за труд и социјална политика (МТСП), тие ќе кажат дека имаат девет шелтер центри, десет советувалишта за жртви, десет советувалишта за сторители.

„Ние минатата година објавивме анализа, правевме локални извештаи за функционалноста на овие сервиси. Освен скопскиот шелтер и можеби велешкиот, другите се нефункционални. Не работат шелтерите, не се згрижува никој таму“, вели Димушевска.

Во оние шелтери каде има сместено жени жртви на насилство има недостатоци. Нивната партнерска организација спровела истражување на терен и виделе дека не ги исполнуваат основните услови, ни со простор ни со кадри.

„Немаат соодветни лица кои треба да работат со жртвите. Ниту 24-часовен надзор, бидејќи тие жени се таму сместени на тајна локација, во шелтер-центарот се сместуваат жени на коишто им е сериозно загрозен животот. Тоа е поентата, да ја спасиш да не ја убие, така што без надзор ако оставиш, или само со обезбедување… Во Прилеп отворија кризен центар, којшто сместува интервентно, итно до 48 часа. Ни една жртва не е сместена, а отворен е од декември 2019 година. А во Прилеп секојпат имаме прилична бројка на пријави, посебно во врска со семејно насилство. Сигурно имало потреба интервентно некоја жена да биде сместена. Го ограбиле“, додава Ана Аврамоска-Нушкова, проектен координатор на Мрежата.

Куќата за сместување жени жртви на насилство

Таа укажува и на константниот проблем со домувањето. Жртвите на семејсно насилство не можат да се вратат дома, кај насилникот, а економски не се доволно самостојни за да може да се иселат. Смета дека државата треба да има механизам со кој ќе им најде и ќе им плати, барем неколку месеци станарина  на жртвите, додека не најдат или не се вратат на работа, со што би обезбедиле пари за егзистенција. Колективните куќи за сместување на жртвите не се покажале како најдобро решение, па тие преку нивниот посебен фонд, на дел од жртвите им обезбедуваат живеалишта, им плаќаат станарина и им обезбедуваат хигиенски производи и храна, а со донации обезбедуваат и потребни материјали за децата кои треба да продолжат со училиштето.

Како треба да се одвива заштитата на жртвите?

По пријавата на насилството, што најчесто се случува во полиција, затоа што тие се 24 часа достапни и во служба на граѓаните, се прави проценка на ризик и се известуваат инспекторите за семејно насилство. Потоа се проценува дали жртвата треба да се оддалечи од насилната средина и да ѝ се пружи помош во шелтер-центар, каде првично добива решение за три месеци, кое може да се продолжува до една година. Потоа може да биде сместена во колективна куќа каде со неа работат социјален работник, кариерен советник и психолог, за да може да се врати во општеството и да продолжи да живее.

Но, од Националната мрежа против насилство врз жените укажуваат дека само во Скопје има посебен интервентен тим кој постапува заедно со полицијата. Во другите градови нема такво нешто, па проценката ја врши униформираниот полицаец кој го прифатеил повикот. Ако тој не процени дека има потреба од инспектор и само ја повика жртвата во станица да поднесе пријава, жртвата до таму може и да се премисли.

Според анализите на една жртва на семејно насилство просечно ѝ требаат пет години да се охрабри да прозборува за насилството што го трпи, а лесно може да се откаже, ако не наиде на разбирање кај надлежните.

 

„Има одлични инспектори за семејно насилство, ја знаат работата, но не ја прима тој првата пријава. Тука треба да се работи со многу обуки со професиналците кои даваат првична помош и поддршка, како полициски службеници, Центри за социјална работа, наставници, професори во образование, психолози, лекари, педагози и на крај обвинители и судии“, вели Аврамоска-Нушева.

Според неа, невладините организации имаат улога во превенцијата, но не можат да реагираат таму кадешто системот треба да реагира.

„Може да ја примиме жртвата и да одиме со неа дали во полиција, но сепак решенијата се обврска на самите центри за социјална работа и на полиција. Дополнително, може да помогнеме со психолошка помош и поддршка, со бесплатна правна помош и застапување. Сѐ додека ние немаме обучени центри за социјална работа, обучени полицајци и најважно од сѐ сензибилизирани судии и јавни обвинители, ние не можеме да зборуваме за вистинска заштита и казни на сотрителите“, вели Димушевска.

Статистиката во Македонија не е поразлична од европската

Во Македонија, во периодот од 2008 до 2020 година се убиени  96 жени, од кои најмалку 50 се фемициди.

 

Според првичните информации добиени од деталните прегледи на медиумските известувања и дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи, заклучокот во публикацијата „Анализа на случаи на фемициди – Убиства на жени во Република Северна Македонија 2017-2020 година“, е дека 22 убиства може да бидат квалификувани како фемицид.

Невладините кои се занимаваат со оваа проблематика велат дека само два проценти од жените во Македонија кои претрпеле насилство од партнерот го пријавиле во полиција.