Претседателот на Народното собрание на Бугарија. Росен Жељазков, во црквата Свети Спас во Скопје им оддаде почит на посмртните останки на водачот на Илинденското востание и ВМРО Гоце Делчев.Во озјавата за новинарите тој рече дека „колку помалку граници имаме во духовна и физичка смисла, толку подобро за нас, за Македонците и за
Балканот“.
-Гоце Делчев е нашиот заеднички херој.Таквите личности и нивното дело треба да ги обединат нашите народи, да бидат пример за следење, да им се оддаде почит и да не се присвојуваат“, рече Жељазков.
Тој сподели дека пред гробот на Гоце Делчев се помолил за сите херои кои се жртвувале
нивните животи и денес треба да бидат почестени и пример за следење. „Тие треба да бидат пример што обединува“, нагласи Жељазков.
Тој ја дефинираше денешната посета како дел од серијата посети во изминатите пет месеци со накера да се изградат мостови меѓу двете држави.
-Овие мостови треба да и дадат можност на РС Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, рече тој. Според Жељазков, мора да се почитува договорот за добрососедство и соработка меѓу двете земји, при што напомена дека за време на неговата денешна посета ќе бидат опфатени и прашањата поврзани со правата на бугарската заедница во Македонија.
-Тоа не се нови теми, туку се важни теми за кои ќе бараме позитивни решенија, бидејќи најлесно е да се затвориме во нашите граници, но потешко е да ги одбраниме достигнувањата што ги имаме, рече тој.
Жељазков како добар пример за добрососедство го посочи зголемената трговија што годинава надмина една милијарди евра.
Претходно, на средба со претставници на бугарски организации од Велес, Штип, Охрид, Битола, Струга, Прилеп, Жељазков истакнал дека е неопходно да се преземат политички чекори и од страна на Бугарија и од Македонија за да се запрат обидите за всадување говор на омраза и непотребни инциденти меѓу претставниците на двете земји.
-Три децении не можевме да најдеме соодветен начин да разговараме меѓу себе, за младите генерации да се чувствуваат како вистински Европејци во нашиот заеднички дом, истакнал Желјазков на средбата. Според него, Бугарија и Република Северна Македонија се повикани да докажат дека припаѓаат на европските народи и дека со нив споделуваат заеднички вредности.
-И покрај антибугарската кампања што се води од одредени средини во Република Северна Македонија, луѓето од двете страни на границата не се оддалечија, дури и се приближуваат еден кон друг. Заедничката историја треба да го направи регионот на Балканот пообединет, посилен и попривлечен за инвестиции. На таа основа можеме да градиме мостови, да не делиме, туку да се стремиме кон заедничка европска иднина. Сето тоа е сосема можно доколку македонската држава ги исполни условите и ги вклучи Бугарите во својот основен закон, рамноправно со другите народи, порачал претседателот на бугарскиот парламент.
Наспроти него, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, од Софија испрати серија жестоки критики дека политичарите во Скопје „ не покажуваат ниту желба ниту консензус за создавање и соработка“.
-Северна Македонија не дава ниту знак за запирање на јазикот на омраза кон Бугарија. Неприфатлива и недостојна е злобата кон сè што е бугарско, која расте и останува неказнета, и престана да биде билатерално прашање. Јазикот на омраза на Република Северна Македонија кон Бугарија веќе е европско прашање, изјави Јотова, на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ по повод вчерашната прослава на 100-годишнината од формирањето на Македонскиот научен институт.
Таа истакнала дека институтот во неговото стогодишно искуство повеќе пати дошол до заклучок дека е погрешно да се гради „македонски идентитет“ на антибугарска основа. Во соопштението за нејзиниот говор објавено на веб-страницата на претседателската институција, македонската нација е назначена како „таканаречена“.
Деловите од обраќањето на Јотова кои не се објавени таму, ги пренесоа медиумите.
-Не можам а да не укажам на агресијата што ја гледавме и слушавме во Република Северна Македонија. Се лее злоба и омраза кон се бугарско. По патиштата се случува да летаат камења кон автомобили со бугарски таблички. Бугарските граѓани не се прифатени насекаде на работа – ги отпуштаат само затоа што се Бугари. Ги лишуваат од еднакви права и се претпочитана цел на насилство на фудбалските натпревари, и во секојдневниот живот. Тие апсат бугарски книги – можете ли да замислите – во 21 век, пренесува „24 часа”.
Таа се осврнала и на Извештајот на ЕК, оценувајќи дека „Брисел не ги прифаќа заткулисните обиди на власта во Скопје да ја заобиколи преземената обврска за вклучување на Бугарите како државотворен народ во северномакедонскиот Устав“.