Желјасков: Веруваме дека ќе ги донесете уставните измени и уште годинава ќе се радуваме на преговорите со ЕУ

Позицијата на Бугарија е за прием на Македонија во ЕУ без алтернатива. Државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште оваа година ќе можеме да се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ. За нас е исклучително важно Македонија и Албанија заеднички да се движат по тој пат.
Ова го изјави претседателот на Народното собрание на Бугарија, Росен Желјасков во изјава за медиумите по средбата со претседателот на парламентот, Талат Џафери. Тој ги поздрави и им се заблагодари на македонските пратеници за, како што кажа, „јасно изразената позиција поврзана со членство на Република Северна Македонија во ЕУ и консолидирањето на јасно мнозинство за уставните промени“.
„Јасно е дека има мнозинство но тоа е недоволно во моментот, но како што споделив една мисла дека државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. За нас е важно дека позицијата на Бугарија е за прием без алтернатива на Република Северна Македонија во ЕУ. Во таа смисла минатата година бугарскиот парламент усвои декларација со која го усвои францускиот предлог. Некои рекоа дека е постигнат историски компромис, но нашите две држави го направија неопходниот компромис, тој компромис е во името на нашите народи и во таа смисла бугарската позиција не е поразлична од ставот којшто се споделува од мнозинството во македонскиот парламент“, истакна Желјасков.
Тој информираше дека со Џафери разговарале и за имплементацијата на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година и изрази надеж дека на следната средба ќе бидат одбележани уставните измени и почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
„Истакнавме дека довербата што треба да ја градиме треба да се спротивставува на говорот на омраза, а гаранција за тоа е ефикасното почитување на правата на бугарската заедница, а уставните измени се дел од тој пат. За нас е важно да се знае дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен европската, при што се обраќам со молба и апел до медиумите да заборавиме на одредени наративи, затоа што на Балканот многу лесно се распламтува искрата на напнатоста, а ние на нашите народи им должиме заедничка европска иднина и мирно егзистирање во овој свет полн со тензии. Затоа и нашата посета денеска е израз на нашите најдобри намери, на нашето пријателство, затоа што нашата иднина е нашиот ангажман кон идните генерации“, истакна Желјасков.
Желјасков му се заблагодари и на Џафери за, како што рече, „неговиот мудар и принципиелен став, и им посакувам на сите политичари во Македонија да го следат тој пример“.
„Изборите доаѓаат и поминуваат, но интересите на луѓето остануваат непроменети, а тоа се интересите во мир и во благосостојба да ги раснат своите деца, своите внуци и тоа е нашата порака и кон нас и кон нашите македонски колеги. Ако имаме добар политички еко систем благосостојбата ќе се зголемува, а гаранција за тоа е постојаната трговска размена која надминува една милијарда евра, и исто така ќе ја постигнеме посакуваната поврзаност што е дел од подобрената дигиталната комуникациска Европа“, рече Желјасков.
Многу е важно позитивниот став за заемни средби и посети да продолжи и во иднина, затоа што на тој начин се испраќаат пораки за поголема парламентарна соработка, подготвеност за отворен разговор и внесување на нови, свежи текови во политиката меѓу две соседни земји, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери се заложил тонот на комуникација кој не е во линија на потребното ниво да престане, пред сé, заради подобрување на билатералните односи меѓу двете земји, како и заради членството на Република Северна Македонија во Европската Унија. Тој ја поздравил воспоставената културна соработка меѓу двете водечки музејски установи од областа на археологијата во двете земји, кои преку изложби и проекти го промовираат зачувувањето на културното наследство, како и заедничките европски вредности.
Џафери истакнал дека припадниците на бугарската заедница во Република Северна Македонија кои се чувствуваат различно од другите заедници во земјата, треба да бидат мост кои ќе ги поврзува двете земји во иднина.
Во однос на процесот на интеграцијата на нашата земја во ЕУ, Џафери истакнал дека во тек е завршување на фазата на скрининг. Потенцирал дека сме во процес на промена на Уставот на земјата и се очекува да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.
Желјазков се заблагодарил на гостопримството и потврдил дека Бугарија го поддржува европскиот пат на Република Северна Македонија, но важно и е да се имплементира Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји и да се направат потребните реформи.Укажал на важноста од превенција на ширење на јазик на омраза и заедничко делување во правец на создавање емпатија меѓу народите, иако е тоа секогаш потешкиот пат, кој сепак мора да се следи во име на благосостојбата на следните генерации. Потенцирал дека вистинските државници мора да размислуваат и дејствуваат во корист на идните генерации во двете земји а не како политичари кои мислат само на следните избори, стои во соопштението.
Двајцата соговорници се согласиле дека економската соработка меѓу двете земји е многу важна, како и инфраструктурното поврзување и интензивирањето на парламентарната соработка со фокус на соработката во однос на европските прашања.