Жбогар: Ѕвездите се местат за старт на преговорите за членство во ЕУ

Фото: Б. Грданоски

Северна Македонија ја заврши својата задача и сега на ред се земјите членки, но мислам дека ѕвездите се местат и се надеваме конечно да видиме одлука за старт на преговорите за членство, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар.

– Вашата земја ја заврши својата задача, спроведувајќи ги сите реформи, вклучително и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство, така што сега на ред се земјите членки. Се е на маса и тие ќе мора да разговараат и да донесат одлука. Се воздржувам од преголем оптимизам затоа што никогаш не се знае ако некое ново прашање од некоја страна ги наруши дискусиите… Но, во моментов мислам дека ѕвездите се местат и се надеваме конечно да видиме позитивен резултат, нагласи Жбогар во интервју за ТВ24.

Според него, сите земји членки на Унијата се задоволни од методологијата за преговори, па затоа не очекува големи проблеми околу нејзиното усвојување до Самитот на ЕУ на 26 март, на кој би требало да се разговара за носење одлука за старт на преговорите за членство со земјава и со Албанија.
Жбогар смета дека ЕУ не сака да и се повтори искуството од Самитот во октомври и не ќе може да си дозволи уште една средба на Европскиот совет без одлука за старт на преговорите.
За состојбата во судскиот систем во земјава, Жбогар смета дека проблемот со судството, не е во самото судство, туку во политиката. – Се додека политиката не се меша во судството, сметаме дека судските институции ќе можат правилно да функционираат, нагласи евроамбасадорот.

Според него, Законот за јавно обвинителство е добар, не ги минува црвените линии и е донесен во согласно со процедурата.

Кога станува збор за јавната администрација, Жбогар смета дека во неа се спроведени добри реформи, но дека претстои уште многу работа, посебно околу вработеноста.

– Тука сакаме да ја нагласиме добрата работа што ја изврши Антикорупциската комисија. Таа посочи неколку случаи на непотизам и на вработувања преку врски. Комисијата треба да продолжи со следење на вакви случаи, а Владата треба да ги имплементира нивните препораки, вели Жбогар.

Тој смета дека администрацијата е подготвена да ги спроведува неопходните реформи во текот на преговарачкиот процес, но дека и треба мотивација.

– Мислам дека поважно од исполнувањето на обврските од страна на администрацијата, е единството на политичките сили. Мислам дека методологијата за новиот начин на преговарање ќе бара повеќе од државите, но ќе им овозможи и побрзо да напредуваат. Потребно е политичко единство за да дојде до тоа. Единство на сите политички сили за реформите за евроинтеграциите, истакнува евроамбасадорот, нагласувајќи дека сите политички сили би требало да постигнат единство околу јасната цел за пристапување во ЕУ.

Околу претстојниот изборен процес, Жбогар истакна дека претходните три изборни циклуси беа оценети од страна на меѓународната заедница како демократски и фер, што ја крена лествичката на очекувања многу високо, така што ништо помалку од тоа нема да биде доволно добро.

Тој нагласува дека општ впечаток е оти во предизборието партиските лидери зборуваат само за минатото и се обвинуваат меѓусебно, наместо да кажуваат што се нивните идеи и планови за во иднина.

За влијанието на одлуката за старт на преговорите врз изборите, Жбогар вели дека и ако нема и ако има датум, некој секогаш ќе рече дека тоа влијаело на изборите и на резултатот.

– Затоа за ЕУ е важно да донесе одлука не за Владата или за некоја партија, туку за земјата, за граѓаните на земјата кои беа толку трпеливи толку долго, истана Жбогар, нагласувајќи дека земјите членки при носењето на одлуката нема да размислуваат за изборите, туку тоа ќе го сторат кога ќе дојде времето за тоа, а Европската комисија верува дека сега е дојдено времето.