Зголемена затворската казна за убиецот на Никола Христовски во Ново Лисиче

Апелациониот суд во Скопје ја прифати жалбата на обвинителството и ја зголеми за една година затворската казна на скопјанецот А.Т.(18), кој беше осуден на три години за убиството на Никола Христовски (17) на 14 август лани во во Ново Лисиче, пишува 24 Инфо.

Првостпената пресуда предизвика големо незадоволство во јавноста, иако судот донесе одлука во рамките на законски предвидената казна, која обвинителството ја обжали, исто како и осудениот, кој барал да му се намали казната.  Имаше и протести од страна на граѓаните од Ново Лисиче. Според судската одлука, А.Т. дошол од друга населба во Ново Лисиче и носел нож со себе, а откако голема група млади го бркале, навредувале и напаѓале, тој во безизлезна ситуација го прободел Христовски.

-Пресудата на Основниот кривичен суд се преиначува во делот на одлуката на кривичната санкција, на начин што обвинетиот А. Т., кој со првостепената пресуда е огласен за виновен за кривично дело убиство на миг по чл.125 од Кривичниот законик, согласно тој член и одредбите на чл.4,32,33,35 и 39 од КЗ, се осудува на казна затвор во траење од 4 години во која казна се засметува времето поминато во притвор сметано од 14.08.2019 година до 07.04.2020 и времето поминато во куќен притвор од 20.05.2020 година до 19.07.2020 година. Во останатиот дел првостепената пресуда се потврдува, велат од Апелациониот суд.