Земјоделието потонато во корупција: Анакиев по стапките на Стоилев
Прво скандалот со проектите од ИПАРД, сега во земјоделскиот инспекторат. Во двата случаи е побарано мито од 50.000 евра. Од каде толку пари во земјоделието?
БИТОЛА – Еден коментар на земјоделец на социјалните мрежи по апсењето на директорот на Државниот земјоделски инспекторат Васе Анакиев, осомничен за мито од 50 илјади евра, јасно ја отсликува ситуацијата во која се наоѓа македонскиот аграр:
„Апашко земјоделие!“
Кометарот со два збора е цела вистина за она што се случува во последниот период по двата еклатантни примери на корупција во македонските институции кои го раководат земјоделието. Првиот со митото од исто така 50 илјади евра за кое е обвинет Илија Стоилев (за ИПАРД проектите), екс-директор на Платежната агенција, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, и вториот случај за сомнежите за барање мито од страна на директорот на Државниот земјоделски инспекторат Васе Анакиев, потпретседател на Социјалистичката партија.
Штетата што ја направи Стоилев е голема, замрзнати се средствата што требаше да ги земат земјоделците од европските фондови заради корупцијата со распределбата на парите. Планираните инвестиции на земјоделците кои требаше да вложат половина од сумата за да ги добијат 50-те отсто од ИПАРД, уште им се во неизвесност.
Позитивно во двата случаи што власта тргна против криминалците од своите редови.
Сомнежите за криминалот на првиот човек на Државниот земјоделски инспекторат е крајно сериозен проблем ако се знае дека Инспекторатот е должен да се грижи за законитоста на работата на институциите од областа на земјоделието и на сите чинители во тој сектор. Ова дотолку повеќе што Државниот земјоделски инспекторат има надлежност да ја контролира и Платежната агенција, институција од каде се исплаќаат годишно од 100 до 140 милиони евра субвенции на земјоделците.
Коинциденција или не, двајцата функционери поставени од власта бараат по 50 илјади евра, тоа е голема сума на пари за еден обичен земјоделец, кој едвај ги добива субвенциите што му следуваат од државата за производството на храна.
Оттука се отвора прашањето: Колку пари се вртат во македонското земјоделие за тарифата за мито да е 50 илјади евра? Или: Од каде толку пари во земјоделието?
Земјоделци отворено коментираат: „Половина таму се арамии, нема земјоделец на кој му немаат побарано пари, еден од нив сум и јас и затоа пишувам“, вели извесен Гоки.
Драганчо, пак, коментира: „Допрва ќе има циркуси во тоа Министерство, многу пара има во ‘крупните’ земјоделци т.е голем простор за фифти-фифти“.
Од кого Анакиев барал пари и за што засега нема информации од истрагата, но со оглед на тоа што го раководи Државниот земјоделски инспекторат одговорот се наметнува дека секој инпекторат без оглед на областа е потенцијална плодна почва за мито и корупција.
Така, митото што го побарал Анакиев можеби доаѓа од големи земјопоседници, можеби од продавачи на храна, вештачки ѓубрива, саден материјал, семиња, храна за стоката, преглед на земјоделските имоти и земјоделска механизација, производство на вино, тутун…?
Во секоја една постапка пред Државниот земјоделски инспекторат треба да се почитуваат рокови на постапување и секое прекршување на рокот треба да се санкционира од надлежен орган. Обично тука една странка поднесува барање, а Инспекторатот „бира“ дали ќе постапи или ќе го чува во фиока.
Е, тоа чување на предметите во тие фамозни „фиоки“ и непостапување му пресудија и на Илија Стоилев од Платежната агенција. Во случајот со Стоилев се вмешани и вработени од МЗШВ и УЈП, а за предметот на Анакиев засега е неизвесно кој сѐ ќе „грицнел“ од колачот од 50 илјади евра.
Во целата оваа ситуација на криминал и корупција во македонскиот аграр преовладува и лицемерието на политичките партии од власта и опозицијата.
Социјалистичката партија на Македонија, чии кадар е Анакиев, жестоко реагира оти осомничениот се објавува со фотографии по апсењето, па партијата морализира: „Нападно партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинство, а за што од одговорните е потребно издржано објаснување“.
За СДСМ овој нов скандал не е изненадување од, како што велат, најкорумпираната влада во регионот и во Европа.
„Ова е доказ зoшто за земјоделците нема пари, зашто нема субвенции, зашто нема исплата и зашто не може ни да очекуваат ништо од вака конципирани институции во земјоделието. Власта не може да се пофали со тоа. Повеќе наликува дека на некому му дошло преку глава, пријавил па морале да постапат“.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ апсењето на Анакиев е доказ за борба против корупцијата. Владејачката партија ја поздрави акцијата на МВР па удри на СДСМ: „Ова е порака до сите дека со законот нема играње. Дополнително, ние не очекуваме ова да го разберат колегите од СДС затоа што тие се уште една иста криминална банда којашто сака да дојде на власт само за повеќе да краде“.
Министерот Цветан Трипуновски засега го нема да каже збор-два околу случајот со Анакиев. Тимови од МЗШВ веќе шетаат по селата и руралните општини во рамки на кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“. Којзнае што ќе им каже денеска Трипуновски земјоделците на Росоман за корумпираниот Анакиев.
Земјоделците на социјалните мрежи јавно го повикаа Трипуновски:
„Цветанче ти го фатија главниот инспектор со рачето во медот, а ти си се рашетал како селска визитарка по селата“, пишува Лазар.
Извесен Ајри му пишува на министерот: „Еве го гласот што го слушате. Секаде корупција. Земјоделието го уништивте. Без мито никој земјоделец не може да добие ништо“.
Како се редат случаите на корупција во македонскиот аграр неизбежна е констатацијата дека опаѓа довербата во институциите на земјоделците и фирмите кои се поврзани со земјоделскиот сектор.
Оттука отворено се поставува прашањето: Дали е време за оставки?