Земјите од поранешна Југославија ја продаваат Амбасадата во Бон за 3,75 милиони евра


Откако Советот на министри на БиХ неодамна ја одобри заедничката продажба на зградата на Амбасадата на поранешна СФР Југославија во некогашниот главен град на Западна Германија, Бон за 3,75 милиони евра, се очекува оваа репрезентативна вила наскоро да биде продадена, а земјите сукцесори меѓу кои и Северна Македонија, да ги поделат парите според процентите кои се утврдени со Договорот за сукцесија.

Со Анексот Б од Договорот за сукцесија на СФРЈ дефинирано е дека од 123-те дипломатски претставништва на некогашна Југославија, на Босна и Херцеговина и припаѓаат 15 отсто, на Хрватска 23,5, на Северна Македонија осум, на Словенија 14 и на Србија и Црна Гора, кои тогаш ја сочинуваа СР Југославија, – 39,5 отсто.

Ниту една од наследничките не беше заинтересирана за четири амбасади, односно резиденции на поранешната СФРЈ и тоа во Њујорк, Токио, Бон и Берн.

Минатата година, по напорни преговори на државите наследнички, беше продаде резиденцијата на СФРЈ во Њујорк. Станува збор за „апартманот на Тито“ на Петтата авенија во Менхетен, за што купувачот плати 12,1 милион долари. Ова беше прв таков случај на спроведување на Анексот Б од Договорот за прашања на сукцесијата и резултат е на огромните напори на сите државни наследнички во последните две години.

На почеток од оваа година беше продадена и поранешната амбасада и резиденции на СФРЈ во Токио, а парите на сметките на државите – наследнички требаше да пристигнат овој месец. Договорот за продажба во вкупен износ од 14,7 милиони евра беше потпишан на 31 јануари. Имотот во Токио имаше 1.726 квадратни метри станбена површина и 938 квадратни метри земјиште.

По продажбата на објектот во Бон за утврдените 3,75 милиони евра, преостанува истото да се направи и со амбасадата на поранешната СФРЈ во Берн. Наводно, интерес за неа покажала Русија, која сé уште не дала официјална понуда.

Сите четири објекти имаат големи квадратури и, како такви, ниту за една држава наследничка на СФРЈ не претставуваа рентабилно и трајно решение за сместување на дипломатско-конзуларните претставништва, а од друга страна, тие имаа високи пазарни цени. Овие цени беа главна причина за земјите сукцесори да се договорат за нивната продажба.

Во Њујорк останува да се продаде уште зградата на Постојаната мисија на поранешна СФРЈ во ОН.