„Зелникот на баба“ ќе се одржи викендов во Пробиштип


 Дванаесетта година по ред Општина Пробиштип денот на пролетта, го одбележува со меѓународна манифестација „Зелникот на баба“. Од Општина Пробиштип  во писменото соопштение велат дека манифестацијата ќе се одржи оваа сабота, односно на 21 март, со почеток во 11 часот. Годинава очекуваат присуство на натпреварувачи од 18 општини од Македонија, потоа од пет Здруженија од Пробиштип, како и Здруженија од Бугарија и Србија, кои ќе бидат дел од „Зелникот на баба“.

-Ова наше традиционално јадење, особено карактеристично за овој крај (надалеку познатиот Лесновски зелник), со кој им посакуваме срдечно добредојде на сите добронамерници, сакавме да го промовираме и да им дадеме можност на вредните домаќинки кои го изработуваат да си ги покажат своите вештини, а на поширокото граѓанство да им овозможиме да го вкусат овој специјалитет. Оваа манифестација предизвика огромен интерес од страна на граѓаните на општина Пробиштип, соопштуваат од Општина Пробиштип.  

На лице место ќе има демонстрација како се сука зелник и како истиот се пече под вршник. На манифестацијата ќе има натпревар во брзо сукање, ќе има обука за изработка на зелник и ќе се бира и најдобро украсена етно маса.  Настанот е пропратен со богата културно уметничка програма која ќе се одвива на поставената сцена. Од хуманитарен карактер е, односно зелниците се продаваат на парче, а собраните средства се наменети за хуманитарни цели.