Зеленски: Тимот на Трамп пристигнува во Украина – се бара начин да заврши војната


Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека „сериозни“ членови на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја посетат Украина за прв пат оваа недела, бидејќи се интензивираат дипломатските напори за ставање крај на војната со Русија.

Зеленски рече дека посетата ќе се случи пред Минхенската безбедносна конференција, која ќе трае од 14 до 16 февруари.

„Оваа недела, некои сериозни членови на тимот на Трамп ќе бидат во Украина“, рече Зеленски, без да наведе имиња, во видеото објавено од новинската агенција УНИАН.

Тој, исто така, потврди дека планира средба со американскиот потпретседател Џ.Д.Венс за време на конференцијата во Минхен и дека неговиот тим исто така се обидува да договори средба со Трамп.

„Нашите тимови исто така работат на дијалог и средба со претседателот Трамп“, потврди тој, неколку дена откако Трамп рече дека „веројатно“ ќе се сретне со Зеленски оваа недела.

Соединетите Држави останаа најважниот сојузник на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, а Киев сега се обидува да ја привлече новата администрација на Трамп нудејќи партнерство во развојот на стратешките наоѓалишта на минерали.ж

Зеленски рече дека е клучно тој лично да се сретне со американскиот претседател за да дефинира стратегија пред да седне на преговарачка маса со рускиот претседател Владимир Путин.

„Продуктивна работа“
Трамп не ја опиша својата стратегија за завршување на војната, вклучително и дали САД ќе продолжат да испраќаат оружје во Украина.

Во неделата тој рече дека бил во контакт со Путин, но не прецизираше кога. Кремљ ниту ги потврди ниту ги демантираше овие контакти.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, главен руски дипломат за односи со САД, во понеделникот рече дека сите услови на Путин мора да бидат целосно исполнети пред војната да заврши.

Овие услови вклучуваат повлекување на Украина од влезот во НАТО и повлекување на украинските војници од територијата на четири региони за кои Русија тврди и делумно ги контролира.

Украина и нејзините европски сојузници ги отфрлаат овие барања како капитулација.

Специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, треба да го посети Киев овој месец, откако неговата претходна посета беше одложена пред инаугурацијата на Трамп.