Зелен хуман град: Носат закон за да нѐ трујат легално


Фото: Б. Грданоски

На дневен ред во Собрание денес се предлог-измени на Законот за животна средина кои ако се усвојат ќе имаат девастирачки последици врз животната средина, здравјето на луѓето и целиот жив свет во земјава. И покрај тоа, штетните предложени измени на Законот добија по 8 гласа ЗА во комисијата за европски прашања и во законодавно-правната комисија. Пратениците од комисиите го квалификуваа законот како „прифатлив од аспект на неговата усогласеност со правото на ЕУ“ и препорачаа „да се даде на натамошно читање“. Ниту еден пратеник од овие комисии не гласал против или воздржан.

 

Под превезот на „поедноставување“, Министерството за животна средина и владата предлагаат бришење на клучните механизми за идентификација, управување со и санација на контаминираните подрачја, со што фундаментално ја ослабуваат заштитата од индустриското и рударското токсично наследство. Истовремено, дозволуваат реконструкции на тешка и загадувачка индустрија на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени подрачја – забрана која постоеше со години! Укинуваат задолжително снимање на јавните расправи, ги ослабуваат гаранциите за електронска достапност на документацијата, а задолжителните институционални мислења за индустриската безбедност ги заменуваат со комисија избрана од министерот.

Подетално, власта ги брише целосно членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г од актуелниот Закон за животна средина кои се однесуваат на идентификација, управување со и санација на контаминирани подрачја. Со елиминацијата на овие членови значително се ослабува правната основа за справување со високозагадени подрачја, нешто за што алармираше Охрид SOS и достави коментари до МЖСПП уште на 9 април 2025 година.

 

Планот за управување со контаминирани подрачја од 28-б што го бришат, со години спречуваше контаминирано земјиште да може да се продава или да се дава под концесија. Сега ќе биде возможно некој да ви продаде загадена земја и вие да немате поим за тоа.

Со бришење на членот 28-в го тргаат механизмот за координација меѓу институциите, општината и научните установи за да постапуваат со државни контаминирани подрачја. 

Понатаму, во членот 20 ја бришат забраната – реконструкција на тешка и загадувачка индустрија (Г1) со години беше забранета на растојание помало од пет километри од населено место или заштитено природно подрачје. Со предложените измени, сите одамна затворени индустриски инсталации на пример во Скопје ќе може да продолжат да работат и дополнително да ги трујат скопјани, а и постоечките да си го прошират производството. Наместо да се оди кон целосно оддалечување на загадувачката индустрија од населени подрачја, со измените се прави катастрофален регресивен чекор.

Ја бришат обврската во записникот од јавните расправи да се вклучат заклучоците и да се приложуваат стенографски белешки и аудио или видео запис од расправата кои е задолжително да се објават јавно на интернет – во членот 91 се пропишува начинот на организирање на јавните расправи каде што органот на државната управа го води записникот.

Со исклучокот кој се додава во член 90 се елиминира обврската целата документација за работата на еден загадувачки капацитет или проект да остане електронски достапна. И со досегашната обврска имаше злоупотреби, информациите се објавуваа предоцна или беа на места каде што не може лесно да се најдат, а со предложената измена ќе може и целосно да ѝ се недостапни на јавноста што е комплетно спротивно на начелата за непречен пристап до информации поврзани со животната средина.

Наместо стручна меѓуинституционална координација, министерот ќе може да си донесе четворица партиски послушници кои по директива ќе ги анализираат извештаите за мерки за безбедност со што целосно ќе се избрише децениската практика да се прибавуваат мислења од органите надлежни за: заштита и спасување; здравство; економија; труд; внатрешни работи. Сите овие се заменети со четиричлена комисија определена од министерот (се менува член 148 став (4)).

Со новиот член 83 став (7) се предвидува дека ако надлежните органи не достават мислење во рокот, се смета дека немаат забелешки. Недостигот од кадар, административното доцнење или непостапувањето може да се прикажат како отсуство на реален проблем. Со вака формулирана одредба, свесно се дозволува постапката да продолжи без суштински придонес од институција што можеби располага со важни информации. Во клучните здравствени и безбедносни ситуации за кои се неопходни мислења мора да постои обврска за одговор и механизам за постапување при доцнење.

Македонија е озлогласена по непостоечките капацитети за спроведување на законските решенија, како и по слабата легислатива, што се нотира во секој извештај од Европската унија. Дополнителното ослабување на легислативата чијашто цел е да гарантира максимална заштита од опасните последици што загадувачката индустрија ги има врз луѓето, животинскиот и растителниот свет е свесна злоупотреба на европското знаменце и свесно отстапување од обврските за заштита на животите на жителите на оваа земја.

Како и секогаш, на почетокот на предлог-измените стои дека штетните измени на Законот за животна средина не предизвикуваат никакви фискални импликации по буџетот на РМ. Вистината е дека импликациите се несогледливи бидејќи цената е нашето здравје.