Со ваучерскиот систем за студентски оброк, ќе има попусти
Наместо да се фокусираме на квалитетот на образованието, од одредени студентски организации постојано и единствено добивам барања за социјални услуги и тоа ме загрижува. Во Собранието сè уште стојат законите за високо образование, за научноистражувачка дејност и за квалитет во високото образование – изјави министерката Весна Јаневска.
На Меѓународниот ден на студентите – 17 Ноември таа го посети студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ најавувајќи дека набргу ќе биде отворен за сместување и притоа нагласи дека иако Владата се грижи за студентскиот стандард и ги зголемува вложувањата, се губи време на нешта што се решливи.
– Наместо да се фокусираме на подобар квалитет на образованието и подигнување од последното место на ПИСА, макар десетина скали погоре, ние губиме време на она што е решливо и студентите секако ќе го добијат она што им следува во процесот на нашата комуникација со репрезентативните студентски собранија на универзитетите. Во споредба со 2022 година, двојно се зголемени вложувањата од оваа Влада, не само за студентските домови и за нивно пристојно живеење туку презедовме и многу други активности. На пример, првпат од оваа година ќе има стипендии за студентите со посебни образовни потреби и за студентите со ретки болести, дадовме ваучерски систем, го проширивме опсегот на студентскиот оброк и во постојана комуникација со нив ги исполнуваме условите, односно потребите што тие ги имаат – истакна Јаневска.
Одговарајќи на новинарски прашања по увидот во завршните активности од темелната реконструкција на студентскиот дом „Кузман“, Јаневска соопшти дека од новата академска година ќе почне да се применува новиот ваучерски модел на субвенцониран студентски оброк.
– Дефинитивно, со новата академска година ќе имаме ново софтверско решение. Тоа ќе опфати одредени организации што ќе им даваат услуга на студентите по поволни цени и со 20 проценти попуст не само на студентскиот оброк туку и на она што тие од сопствени средства ќе сакаат да го купат во тој ресторан, пекарница или во која било од овие установи што ќе ги даваат тие услуги. Се работи на решението, секако тоа не може да се направи за 24 часа бидејќи е софтверско решение што треба да опфати 30.000 студенти, колку што приближно имаме месечно. Од 1 октомври ќе го имаме тоа решение, кое е слично на оние што ги има и во други поразвиени земји – рече Јаневска.
Сè уште се чека одговорот од студентите, но посочи дека МОН е во постојана комуникација.
– Веќе следната недела МОН ќе биде проактивно, ќе ги повикаме повторно на состанок за да видиме што конечно решиле. Начелно го прифатија моделот, ним тој им се допаѓа, но треба сега и официјално тоа да го заокружиме – додаде Јаневска.
Министерката соопшти дека за субвенцијата студентски оброк, чиј дневен износ од студент е 140 денари, државата годишно одвојува помеѓу 16 и 17 милиони евра.
– За да може населението да разбере, приближно 1,5 до два студентски дома, еден толкав и еден малку помал, е цената што Министерството ја одвојува за студентскиот оброк за една година – изјави Јаневска по посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.
Во однос на пакет-законите заглавени во Собранието, нагласи дека се исклучително важни „не само за високото образование туку и за пазарот на труд, за општеството, за развојот на нашите млади и нивната иднина во оваа земја“.
– Оптимист сум и комуницирам со пратенички групи и пратеници. Многу важно е тие да се донесат што е можно побргу за да може што е да ги почнеме реформите – порача Јаневска додавајќи дека законите се предадени во Собранието по широка инклузивна расправа и оти очекува да бидат донесени.