Здружение на млади правници: Дали има гаранции дека изградбата автопатите нема да влијае негативно врз шумскиот фонд


Македонското здружение на млади правници го издаде документот за јавни политики насловен „Коридорите 8 и 10д – Дали имаме доволно гаранции дека изградбата на автопати нема да влијае негативно врз шумскиот фонд“ , кој се осврнува на изградбата на автопати и заштитата на животната средина низ призмата на ЕУ, но и на домашното законодавство.

Владата на РСМ на 07.03.2023 година го одобри договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д. Групи пратеници поднесоа девет предлози за изменување закони, кои, според образложението, се неопходни за реализација на проектот. Меѓу другите беа предложени и измени на Законот за шумите. Владата на 08.05.2023 со користење на т.н. скратена процедура со „европско знаменце“ достави предлози за пет од законите за кои веќе беа поднесени предлози од пратениците.

Оцената на влијанието врз животната средина која е предвидена во македонското законодавство има цел да ги предвиди потенцијалните штетни влијанија врз животната средина и да ги избегне или намали таквите штетни влијанија, при што истовремено треба да ги доведе во рамнотежа целите во однос на животната средина, социјалните и економските цели. Изградбата на автопатишта влегува во проекти каде што е задолжителна оцената на влијанието врз животната средина согласно прописите на Република Северна Македонија (РСМ) и ЕУ.

Сѐ уште не постои оцена на влијание врз животната средина за првиот дел од автопатот Гостивар-Букојчани, каде што има пространство на шума. Заради недоволната јасност и прецизност на одредбите од Законот за животната средина, се поставува прашањето дали воопшто е започнат процесот за оцена на влијанието на делницата Гостивар-Букојчани.

Препораки кои се вклучени во документот:

-Оцената на влијанијата на животната средина при изградба на автопатишта е задолжителна и не смее да биде пропуштено да се направи само заради стратешката природа на изведба на проектот.
Оцената за влијанието врз животната средина при изградба на автопатишта треба да содржи предлози за тоа како патот треба да биде отпорен на климатските промени. Ова не само што е прифатено правило во развиените земји, туку е преземена пракса при изградба на дел од нашите автопатишта. Ваков детален проект со оцена на влијанието врз животната средина, земајќи ги предвид климатските промени, треба да има за секоја изведба на автопатишта.

-Република Северна Македонија мора да ги почитува законите и другите прописи и не смее да дозволи нивното менување да значи и трајно штетно влијание за животната средина. Брзото градење на автопатиштата и менувањето прописи не смее да значи брзо наштетување на биодиверзитетот.

-Потребно е да се почитува владеењето на правото и да се обезбеди правна сигурност. Промена на уредбата за оцена на влијанието врз животната средина, која е синхронизирана со Директивата на ЕУ, би значело доведување до правна несигурност, но и потенцијална неповратна штета на природата и биодиверзитетот. При носењето на измените на Законот за шуми, законодавниот орган мора да го има предвид Случајот со Шумата Бјаловиежа (Комисијата против Полска).

-Инвеститорот и Министерството за животна средина и просторно планирање, при изработката, односно одобрувањето на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, мора да ги имаат предвид стандардите на Судот на правдата на ЕУ, пред се , од аспект на 1) комплетност и ажурираност на податоците што се користат, 2) кумулативното влијание на овој, но и на други проекти што се спроведуваат во тој регион, врз животната средина и врз заштитените подрачја, 3) начелата на висок степен на заштита, претпазливост, превенција утврдени во македонското законодавство за животна средина и 4) ставовите на науката.

-Јавноста мора да е вклучена во процесот на одлучување за изградба на автопатишта. Непостоењето достапна оцена на влијанието врз животната средина е спротивно на Архуската конвенција.

Документот е изработен во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени”  кој го спроведува Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-Cвест во соработка со Македонското здружение на млади правници-МЗПМ и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – ЦНВП поддржан од Шведската меѓународна агенција за развојна соработка – СИДА.