Здравствениот систем во Британија e под притисок, Џонсон не воведува нови мерки


 Британскиот премиер Борис Џонсон денеска предупреди дека здравствениот систем во земјата е под притисок поради наглото зголемување на бројот на заразени со корона вирусот, но истакна дека нема да се воведуваат нови санитарни мерки.

Бројот на новозаразени лица, поради појавата на позаразниот сој омикрон, вчера изнесуваше 137.583, а починале 73 лица.

– Мислам дека треба да бидеме свесни дека притисокот врз нашиот здравствен систем, нашите болници, ќе трае со недели, можеби и подолго, рече Џонсон за време на посетата на центарот за вакцинација во Ајлсбери.

Изјавата дојде откако Сандеј тајмс објави дека болниците во источниот дел на земјата предупредија на „екстремен и невиден“ недостиг на персонал.

Но, Владата не планира да воведе нови мерки, а британскиот премиер ги повика граѓаните да се вакцинираат.

– Мислам дека добриот пат за земјата е оној по кој се движиме сега. Ќе ги држиме работите под контрола. Мислам дека миксот на работи што ги правиме сега е вистински, рече Џонсон.

Британската Влада во јули ги укина речиси сите ограничувања воведени поради пандемијата на коронавирусот, но минатиот месец беше активиран Планот Б, кој вклучува носење маски во затворени простории, доказ за вакцинација или негативен тест во ноќни клубови и апел до секој што може да работи од дома.