Заживува ли индустријата – раст од 6,3 отсто на производството во февруари


Илустрација
Индустриското производство во првите два месеца од годинава во споредба со истиот период лани е зголемено за 3,6 отсто. Во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, пак, е поголемо за 6,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
 
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, бележи пораст од 25,2 отсто, во секторот Преработувачка индустрија од 4,0 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 9,6 отсто.
 
Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на тутунски производи, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел.
 
Според главните индустриски групи, производството во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, бележи пораст кај Енергија за 14,6 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 14,6 отсто, Капитални производи за 3,2 отсто и Трајни производи за широка потрошувачка за 61,5 отсто, додека опаѓање бележи кај Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,1 отсто.