Заврши собирот на косовските Срби, инциденти нема
Заврши собирот на косовските Срби во Северна Митровица. На протестот немаше инциденти, но РТС јавува дека група Албанци во населбата Бошњачко маало поставиле албански знамиња.
На собирот се обратија неколкумина сегашни и поранешни политички чинители на Косово. Претседателот на Српска листа, Горан Ракиќ рече дека мандатот го враќаат на српскиот народ кој ги избрал, а не на Приштина. Рече дека во Северна Митровица собирот има за цел да испрати јасна порака дека е доста од „шиканирање“ од страна.
Поранешниот градоначалник на Северна Митровица, Милан Радојевиќ, пак, им се заблагодари на присутните и рече дека собирот испраќа пораки за мир.
„Десет години му дававме шанса на Бриселскиот договор, но жал не успеавме. Утрово и официјално поднесовме оставки. Нашата борба продолжува, и таа ќе биде само во друг облик, рече Радојевиќ. Меѓу другите пораки беа тие дека Србите на Косово немаат друга земја и дека бараат елементарни човекови права.
Претходно, косовската полиција повика граѓаните мирно да протестираат, додавајќи дека постои оперативен план доколку на протестот дојде до инциденти.Протестот почна со интонирањето на српската химна, а организацијата доаѓа откако вчера претставниците на Србите на Косово ги напуштија институциите како протест поради упорното настојување на Приштина да ги пререгистрира табличките на возилата, односно да ги стави под своја контрола Србите.