Заврши реконструкцијата на патот Мешеишта – Волино, се градат 18 км. пристапни патишта долж автопатот Охрид – Кичево


Завршена е реконструкција на локалниот пат од Мешеишта до Волино во општина Дебрца, како дел од проектот на Министерството за транспорт за поврзување на локалните патишта. Од овој пат се поврзуваат неколку населени места на автопатот Охрид-Кичево, за што во изминатиот период работевме посветено за да можеме да испроектираме и да изградиме вкупно 18 километри пристапни патишта кои претходно не биле предвидени, рече заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од работната посета на општина Дебрца. 

Со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Дебрца, Златко Сиљаноски, денеска извршија увид во реконструкција на патот од Мешеишта до Волино и улици во село Волино, проекти кои се реализираат со поддршка на Владата преку Министерството за транспорт.

– Овој проект во селото Волино го работевме заедно со општина Дебрца, со поддршка на Светска Банка преку една проектна линија којашто ја имаме обезбедено од Светска Банка и која што значи завршување на локални улици низ многу населени места во државата. Исто така претходно бевме на влезот на село Мешеишта, а кога бил правен проектот за автопатот Охрид-Кичево, за жал не беа предвидени нити пристапни патишта, нити паралелни патишта, ниту клучки, нити потпатници, ниту надпатници и на тој начин најголем дел од селата коишто се од левата и од десната страна на автопатот беа, односно требаше да бидат отсечени и од Охрид, од Струга, од Кичево и од Скопје. Ние решивме тоа да го коригираме, испроектиравме паралелни патишта и пристапи во должина од 18 километри, рече Николоски. 

За потегот на автопатот од Пресека до Охрид, тој нагласи дека била неопходна согласност и од Комисијата за УНЕСКО, со кои било работено шест месеци.

– Добивме согласност и веќе можете да видите дека пристапот кон населените места, во случајов кон Мешеишта почнува да се работи, а онаму каде што завршува пристапот ќе продолжи општината. Така што ќе добиеме едно модерно патно решение кое нема само да значи спој за ова населено место, туку ќе значи и спој за Општина Струга и селата што гравитираат кон Општина Струга, рече тој.

Градоначалникот на Дебрца, Сиљаноски, рече дека денеска е направен увид во два значајни проекти за Општината. Едниот патен правец е оној од селото Мешеишта до селото Волино во должина од 2120 метри во вкупна вредност од 15,5 милиони денари обезбедени од Министерството за транспорт преку проектот за поддршка на општините.

– Вториот проект е во село Волино, пат од средсело до црквата „Света Петка“, проект што чини 4,7 милиони денари во должина од 700 метри. Ние како Локална самоуправа учествуваме со партерно уредување на тој пат со 2,7 милиони денари…Она што го ветивме пред граѓаните го претвораме во дела, рече тој.

Сиљаноски уште истакна дека покрај средства добени од централната власт, од основниот бует на Општината се издвоени 24 милиони денари, наменети за поддршка и реализација на инфраструктурни проекти во повеќе населени места во Дебрца.