Заврши мерката „училишна кошничка“, за двајца ученици заштедата е околу 3.000 денари, вели Ристески


Фото: Независен

Заврши мерката „училишната кошничка“, заштедата за двајца ученици е околу 3.000 денари, соопшти денеска од Куманово, заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој најави дека во петок ќе достават известување до Владата со конечните сознанија за мерката. „Училишната кошничка“ како мерка почна од 15 август и траеше до 15 септември, годинава.

-Мерката беше одлична можност за сите ученици пред сè за родителите на учениците и студентите, бидејќи студентската година почнува. Мислам дека имаа одлична можност на сите пунктови каде што се набавуваат училишни материјали да ги купат по поевтини цени, она што беше предвидено со одлуката и мерката. Да пофалам, некои книжарници имаа и акција на поголеми намалувања од она што беше предвидено со самата мерка, изјави Ристески при денешната посета на Куманово.

Како што посочи заменик-министерот, Пазарната инспекција извршила околу 150 контроли на преку 400 објекти кои продавале училишен прибор, книжарници, маркети, други објекти, пунктови.

– Беа увидени мали пропусти некаде. Во глобала се придржуваа на мерката, самите трговци ја почитуваа, имаше мали опомени,  меѓутоа до крај се испочитува мерката. Мислам дека од она што го имаме како првични сознанија, а конечен податок ќе имаме во петок со известување до Влада, по ученик е заштедено од 750 до 2.000 денари и просечно семејство кое има два ученици или студенти би заштедиле во овој период 3.000 денари, токму со училишната кошничка, изјави Ристески.