Затворената седница стана отворена, патоказите – последен гест на добра волја од Брисел

Патоказот за владеењето на правото, според оценките, ги содржи сите 40 препораки на оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет


 

Власта и опозицијата се собраа денес на заедничка седница за да расправаат за двата патоказа што Македонија треба наскоро да ги испрати во Европската унија и во кои ќе каже што ќе прави наредните шест години со владеењето на правото и со реформата на јавната администрација.

Арбр Адеми, пратеник од ДУИ и член на Националниот совет за евроинтеграција, кој исто така беше дел од расправата,  упати предупредување дека ова е „последен процедурален чекор за кој во Брисел се согласни да дадат зелено светло без да ги усвоиме уставните измени“, бидејќи сите следни ќе бидат блокирани без исполнување на тој услов.

Патоказите се веќе напишани и поминале на прво усвојување во Владата во форма на нацрт, што беше причина од опозицијата да тврдат дека ги прашуваат за мислење откако е завршена работата, а од власта дека – дури сега ќе се формализираат. Според процедурата, по консултациите денес во Националниот совет и во Комисијата за европски прашања и по консултациите со невладините организации, патоказите како конечни ќе бидат усвоени во Владата и испратени во Брисел. 

Патоказот за владеењето на правото, според оценките, ги содржи сите 40 препораки на оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет и ги адресира сите битни забелешки од скрининг извештајот за правосудството, како обврски што ќе ги исполниме, по години и на стотина страници. За реформата на јавната администрација обврските што ги преземаме се само на 21 страница, што го илустрира обемот на проблемот со владеењето на правото и корупцијата во Македонија. 

Според вицепремиерот Бојан Маричиќ подготвувањето на патоказите е услов за отворање на првото поглавје, а ги праќаме по официјалното барање од шпанското претседателство со ЕУ. Адеми пак посочи дека огромната работа што сме ја завршиле со скринингот ќе биде залудна ако не се усвојат уставните измени бидејќи земјата ќе се најде во ќорсокак.

„Друг услов за продолжување на преговорите немаме. Ние можеме да отвораме  други теми  за корупција…), но тоа не се услови за отворање на првото поглавје“, рече Адеми, реплицирајќи на тврдењата од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ дека Македонија не добива поддршка од ЕУ за тргање на буагрските услови бидејќи има слабо досие, што пак се должи на лошата состојба во судството и со корупцијата. Адеми предупреди исто така дека е катастрофална за земјата тезата дека не треба да ги забрзаме уставните измени бидејќи Македонија мора да биде подготвена кога ЕУ ќе се отвори за нови членки во 2030 година. 

Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, имено, тврдеше дека основна причина што Македонија не почнува преговори со ЕУ е тоа што корупцијата цвета, а економијата тоне со години. Според него, поради слабото досие на Македонија земјите членки не можат да вршат притисок врз Бугарија околу условувањата и таа продолжува да се изживува со нас. Тој го посочи примерот со негласањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан за Украина како доказ дека може да се сменат работите ако се направи притисок врз Софија. Уште повеќе што, рече тој, ние немаме проблем со најсилната туку втората најслаба држава членка на ЕУ.

 

Откако порача дека многу сериозно треба да се сфати остварувањето на патоказите, тој заклучи дека за тоа не ни требаат нови закони и институции , туку само да се остават тие да си ја работат работата, бидејќи само 10 отсто во нив се корумпирани, а другите се чесни. За 6 до 9 месеци, тврдеше тој,  можат да се видат резултати, со јасна порака дека ако дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ толку ќе им треба за да го подобрат владеењето на правото. 

Од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) по расправата пратија соопштение во кое стоеше дека Македонија е подготвена за следната фаза од преговорите, за која неопходно е завршувањето на обврските од Преговарачката рамка.

„Уставните измени се влог за нашата иднина, без да изгубиме ништо. Напротив ја прави европската перспектива на земјата реална и остварлива“, порача Маричиќ посочувајќи дека шпанскиот претседавач во име на претседателство со Советот на ЕУ пратил писмо за условите под кои Северна Македонија може да ги отвори преговорите за Кластерот 1 – Фундаментални вредности.

„Во писмото се наведува дека по завршениот скрининг за Кластерот 1, Европската унија смета дека може да се предвиди отворање на овој кластер откако ќе се заврши фазата на пристапните преговори во која ќе бидат подготвени и донесени двете одредници: Патоказот за реформи во јавната администрација и Патоказот за поглавјата за владеење на правото со придружен Акциски план“. Што значи тоа да се „предвиди отворање на овој кластер“, не е објаснето. 

Паралелно, од СЕП соопштија дека заедно со МНР работат и на Акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на малцинствата и заедниците, што треба да се гледа во корелација со патоказите, пред сѐ со тој за владеење на правото. „Нашата администрација е во постојана комуникација со службите на ЕК за да дојдеме до заеднички прифатлив документ, кој потоа треба да биде прифатен и од земјите членки“, стои во соопштението на СЕП.

Иако првично расправата беше најавена како затворена, таа беше отворена, но интересот да се учествува беше мал.  (С.Ј.)