Затнатите шахти го „рушат“ мнозинството во Совет на Општина Битола

Ултиматум на независните советници до локалната власт - барања до „Нискоградба“ Битола, на чие чело е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, да ги исчистат шахтите во градот, коритото на реката Драгор и да го почнат најавениот градски парк во Нова Битола


 

БИТОЛА – Своевиден ултиматум денеска преку својата Фејсбук страница јавно упати независната листа „Поинаку“ до локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Незадоволството воглавно се однесува, на како што велат, затнатите одводни шахти во градот, кои прават поплави низ улиците во градот после секој летен пороен дожд.

„Поинаку“ на последните локални избори во Битола освои три советници, а еден од нив, Габриела Илиевска е претседател на Советот на Општина Битола.

Без тројцата советници на „Поинаку“ владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Битола не би имала мнозинство во Советот, бидејќи има  само 13 мандати од вкупно 31 советник. Гласањето на тројцата советници е клучно за функционирањето на општината. И СДСМ со коалицијата има 13 советници, па за социјалдемократите да го преземат Советот пак се клучни независните. Дали „Поинаку“ ќе се откаже  од власта и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, или пак ќе ја спушти „топката“ ќе се знае за многу скоро.

Независните преку Фејсбук отворено упатија барања до „Нискоградба“ Битола, на чие чело е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, или да ги исчистат шахтите во градот, коритото на реката Драгор и да го почнат најавениот градски парк во Нова Битола или ќе бараат разрешување на директорот и управувачките органи на претпријатие и дури поведување постапка пред „други надлежни институции“.

„Поинаку“ реагира дека стана редовна слика улиците да се поплавени во Битола по летните дождови, особено во изминатите неколку денови. Според нив, станува збор за проблем за кој власта не презела никаква активност да превенира.

„Раководните лица на ЈКП ‘Нискоградба’ Битола во рок од три дена да донесат одлука за формирање на посебни екипи за редовно чистење и одржување на шахтите низ градот, како и за проценка на нивното ниво на собирен капацитет и пропусност“, стои во барањето на „Поинаку“.

Ова не е сѐ, независните советници бараат во следните три дена „Нискоградба“ да започне и со чистење на коритото на реката Драгор и со градежните работи на локацијата предвидена за Нов градски парк во Нова Битола, за што велат се обезбедени финансиски средства од Буџетот. Барањата упатени до Управниот и Надзорниот одбор на „Нискоградба“ Битола завршуваат со прилично заканувачка порака и напомена дека сето ова го побарале од директорот на „Нискоградба“ повеќе пати, но за нив очигледно било дека потребите на битолчани не се сериозно сфатени.

„Доколку барањата не бидат исполнети, без одлагање ќе предложиме до Советот на Општина Битола разрешување на сите актуелни членови на Управниот и Надзорниот одбор на ‘Нискоградба’, како и разрешување на директорот од страна на градоначалникот, за што ќе поведеме и постапка за нивна одговорност и пред други надлежни институции“, се вели во објавата.

Ваквата реторика на независните советници: Габриела Илиевска, Иван Чулакоски и Алмир Адемовски кај битолчани наиде на различни толкувања, особено што независните се дел од советничката коалиција на власт, па како што велат не смеат да „глумат“ опозиција.

„На власт се, а преку Фејсбук бараат одговорност од тие што се именувани од нив?“, реагираат меѓу другото битолчани на објавата.

Од Општина Битола за „Независен“ велат дека „секоја советничка група има право да поднесува барања до јавните претпријатија, со цел подобрување на услугите кон граѓаните. Динамиката на работа на ‘Нискоградба’, ја одредува раководството според програмата за работа и склучените договори, а јавното претпријатие има тимови кои делуваат во услови на елементарни непогоди. Зголемена е активноста за редовно чистење на шахтите, но изменетите климатски услови со поројни дождови во краток временски период, наметнуваат потреба од поконкретни проширувања на каналската мрежа“, велат од Општина Битола. Во однос на изградбата на новиот градски парк, по теренските подготовки, според предвидената динамика на работење, во текот на утрешниот ден е предвиден технички вовед на екипите од „Нискоградба“ со службите од општината и надзорот, а во среда ќе започнат со градежните работи.

Од кабинетот на градоначалникот во изјава за „Независен“ заклучуваат дека „градоначалникот нема проблем во функционирањето на Советот и не станува збор за криза во функционирањето на мнозинството. Едноставно, демократските политики кои ги води владејачкото мнозинство во Советот даваат можност за позитивна критика, која претставува своевиден поттик за преиспитување на одлуките и можностите за работа во секое јавно претпријатие“, велат од Општината.