„Заратустра“: Роденденски концерт на Филхармонија со британската трубачка Матилда Лојд
Македонската филхармонија в четврток, во 20 часот ќе го одржи својот роденденски концерт, со кој ќе одбележи 82 години од формирањето. Концертот е насловен „Заратустра“, а како солистка ќе настапи британската трубачка Матилда Лојд. Диригент е маестро Конрад ван Алфен, а на програмата се Концерт за труба и оркестар во Ас-дур од Александар Арутјуњан и тонската поема „Така зборуваше Заратустра“, оп. 30.
Во 2026 година, Матилда Лојд стана првата трубачка која ја добила наградата за млад уметник на Кралското филхармониско друштво (Royal Philharmonic Society Young Artist Award). Признанието ѝ беше доделено за нејзината блескава музикалност, позитивната енергија што ја зрачи во сè што работи, како и за нејзината посветеност да ги инспирира младите да се занимаваат со музика. Списанието BBC Music Magazine ја опиша како „трубачка од исклучителен формат“. Со своето впечатливо присуство на современата класична музичка сцена, таа ја освојуваја публиката со беспрекорниот тон и виртуозното владеење со трубата, а истовремено придонесува и во создавањето на новите генерации класични музичари преку својата педагошка дејност како професорка по труба во Лондон.
Покрај настапите ширум светот, таа одржува мајсторски курсеви на водечки музички конзерваториуми и универзитети, ги менторира младите британски дувачки музичари преку програмата Future Talent и, како амбасадорка на хуманитарната организација Brass for Africa, ја поддржува употребата на музиката како средство за општествена промена во Кампала, Уганда. Покрај техничката извонредност, Матилда подеднакво внимание посветува на менторството и педагошката работа, особено во своите улоги како професорка по труба на Trinity Laban Conservatoire во Лондон и како раководителка на одделот за труба во програмата OAcademy Global Artist Diploma, наменета за млади професионални музичари во развој.
Матилда дипломирала на Trinity College, Кембриџ, и на Кралската академија за музика, а потоа се усовршувала кај Хокан Харденбергер на Академијата за музика во Малме. Во 2026 година Матилда беше одликувана со титулата Associate of the Royal Academy of Music (ARAM), како признание за нејзиниот значаен придонес кон музичката професија. Денес Матилда живее и работи во Берлин и е Yamaha Artist.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.