Започна жетвата на оризот, министерот најави помош за оризопроизводителите


На традиционален начин, со рачно зажнејување на оризот со срп и  вршидба на гумно, денеска на површини во селото Горни Подлог започна годинашната жетва на оризот.  Настанот е дел од  35. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

Сето ова се одвиваше во присуство на значителен број на гости,  делегации од земјава и странство. Беше даден и благослов за плодна жетва.  Првиот сноп ориз го зажнеајаа членовите на Здружението на пензионерите од Кочани.

На настанот, освен градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, како и други гости.

-Ова што го гледаме денеска е доказ дека оризот како култура е повеќе од важна и затоа ние како Министерство сериозно сме засегнати за решавање на проблемите во делот на пласманот, производството, продажбата и нормално, за самата цена на оризот. Така што денеска ова е повеќе од празник, негување на традиција и доказ дека треба сериозно да се посветиме за негување на оваа земјоделска култура, рече Серафимовски.

 Како ресорен министер, тој соопшти дека веќе остварил повеќе средби со оризопроизводителите и со претставници на откупно-преработувачките центри.

Последната средба беше пред неколку дена во Општината Чешиново – Облешево, каде што седнавме на заедничка маса со производителите и преработувачите.  Ние како држава дополнително ќе застанеме зад производителите на ориз и финансиски ќе им помогнеме за родот од минатогодишната реколта. Исто така, и на крајот на оваа сезона, ќе направиме дополнителна анализа и ќе решиме каква помош треба да добијат. Главно е дека треба да го зачуваме квалитетот на оризот, а преработувачите да го платат согласно методологијата за пресметување на цената, порача министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, додавајќи дека откупувачите имаат законска обврска да ја објават цената во откупните центри и тоа треба да го сторат веќе наредната недела. 

Во културно-уметничкиот дел од програма, настапија фолклорни  ансамбли и друштва од Македонија и од земји од опкружувањето.

Оваа година на огласот за избор на најуспешен земјоделец немаше пријавено кандидати. Поради тоа, комисијата одлучи паричната награда да му биде доделена на Црковниот одбор при црквата „Св. Јован Крстител“ во Горни Подлог, а  средствата ќе бидат наменети за обнова и одржување на црквата.

Присутните имаа можност да ги разгледаат изложените ракотворби крактеристични за Кочани и кочанско,  и да ги вкусат традиционалните јадења со ориз подготвени од домаќинките од селото Горни Подлог.