Започна изградбата на оградата околу депонијата „Дрисла“

Депонијата „Дрисла“ почна да се оградува, односно да се дооградува, затоа што само мал дел од неа е оставен незаштитен, додека на другиот дел одамна има ограда.
Ова беше причина денеска таму да појдат првиот-заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и Орце Ѓорѓиевски кој е актуелен градоначалник на Кисела Вода, но и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, но овојпат во својство претседател на ЗЕЛС.
Според Меџити, ова се прави на барање на жителите на селото Батинци за заштита од кучињата скитници и расфрланите отпадоци.
„Оваа депонија со години претставува извор на загадување и здравствени проблеми за граѓаните и била предмет на бројни реакции од жителите на околните населби, особено од Батинце. По неколкуте средби што ги имав со нив, ветив дека ќе преземеме конкретни мерки, и денес работите веќе започнаа“, рече Меџити.
Со средства обезбедени од Министерството за животна средина, во вредност од 9 милиони денари, ќе се изгради ограда долга 4.800 метри и висока 1,5 метри, поставена на 1.500 метални столбови, со двојна бодликава жица и бетонски темели, со што ќе се оневозможи неовластен влез и ќе се намали загадувањето.
„Депонијата ‘Дрисла’ има стратешко значење за целиот регион на Скопје. Во соработка со Град Скопје и надлежните институции, ќе продолжиме да инвестираме во нејзина модернизација и трансформација во современ центар за рециклирање на отпадот,“ изјави Меџити.
Ѓорѓиевски, иако појден таму во својство на претседател на ЗЕЛС, не ја пропушти можноста да се промовира себеси како кандидат за градоначалник на Скопје, па рече: „Денес, заедно со вицепремиерот Изет Меџити, бевме во посета на депонијата „Дрисла“. Се работи на проект за нејзино оградување, со цел конечно да се стави крај на неконтролираното фрлање отпад – проект што го реализира Министерството за животна средина. Веднаш по моето доаѓање на позицијата градоначалник на Скопје, „Дрисла“ ќе стане приоритет. Нашата визија е таа да прерасне во современ центар за рециклажа на отпад, по моделот на Словенија, со селекција, рециклирање и енергетско искористување, во согласност со највисоките еколошки стандарди“.