Запишани вкупно 1.830.000 гласачи за локалните избори, 112.000 од нив во дијаспората


 Вкупниот број на гласачи запишани во Избирачкиот список за локалните избори изнесува 1.832.415 лица. Од овие избирачи во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.717.803 избирачи, информираше денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. Тоа значи дека за 29.539 се зголемил бројот на избирачите што се на привремена работа или престој во странство  и има 7.551 избирач повеќе од изборите во 2021 година.

Кондарко соопшти дека согласно евиденцијата на надлежните органи право на глас имаат вкупно 112.000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2.162 избирачи кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор и 450 избирачи од домовите за стари лица.

– Во посебниот извод на Избирачкиот список, за лицата  кои согласно евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани влкупно 112.000 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор се запишани вкупно 2.162 избирачи. Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување а кои поднеле пријава за гласање, по принцип на активна регистрација во установата во која се згрижени се запишани вкупно 450 избирачи, соопшти Кондарко.

На седницата едногласно беше донесена одлуката за заклучување на Избирачкиот список за спроведување на претстојните локални избори кои ќе се одржат на 19 октомври.

– Државната изборна комисија го заклучува Избирачкиот список за спроведување на изборите за советите на општините и Советот на Град Скопје, како и за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Граѓаните се потпишуваат во еден Избирачки список и гласаат на локалните избори. Значи еден е избирачкиот список на гласачките места за локалните избори, рече Кондарко.

Како што беше појаснето од членот на ДИК, Ангелчо Ристов, во државата се констатирани 3.480 избирачки места, од кои во 132 избирачки места се потпишани помалку од десет избирачи. Гласањето за нив, рече, ќе биде спроведено на најблиското избирачко место.

Ги задолжи општинските изборни комисии во координација со подрачните одделенија и регионални канцеларии на ДИК да преземат дејствија за известување на гласачите на оние избирачки места каде што се запишани помалку од десет гласачи.

На седницата, исто така, беше посочено дека досега до ДИК биле поднесени четири барања за набљудување на изборите и тоа од Центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија, од Амбасадата на Република Словачка во земјава, Централната изборна комисија на Украина и Здружението Институт за истражување и аналитика на политика Ромалитико – Скопје.