Запален автомобилот на Ѓоко Ристов, судијата обвинет за заѕиданите пари
Автомобилот на судијата Ѓоко Ристов, обвинет за заѕиданите пари во куќата на неговите родители, бил запален ноќеска околу 2:50 часот во скопската населба Карпош, а во пожарот биле оштетени уште три возила и еден деловен објект.
Според неофицијални информации, возилото било паркирано пред зградата во која живее судијата, непосредно под неговиот балкон. Се разгледуваат повеќе можни мотиви за пожарот, но засега нема официјална потврда за причините или за евентуални осомничени.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 13 јули 2026 година, околу 2:50 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Карпош било опожарено патничко возило „пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ѓ.Р.
Во пожарот биле оштетени и патничко возило „фолксваген туран“, сопственост на Д.М., патничко возило „сангјонг“, сопственост на С.С., како и деловен објект, сопственост на Г.Л.
Огнот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита – Скопје, а увидот на местото на настанот е во тек.
Според неофицијални сознанија, постојат сомневања дека станува збор за намерно подметнат пожар, но овие информации засега не се потврдени од надлежните институции. Истрагата треба да ги утврди причините и околностите под кои избувнал пожарот.