Заострени мерки во Словенија по влошената епидемилошка состојба

Словенија – Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека во Словенија од денеска ќе стапат во сила заострени мерки против ширење на коронавирусот, кои вклучуваат учење на далечина, забрана за движење меѓу регионите, ограничувања на собири и задолжително носење маски на отворено во регионите кои се на „црвената листа“. Од 12 региони – седум се на „црвената листа“.

Јанша рече дека меѓу новите мерки што Владата ги донела поради влошената епидемиолошка состојба, е и активирањето на резервните капацитети во здравствениот систем.

Според него, наставата во училиштата ќе биде ограничена, така што учениците од петто одделение и повисоките класови од основното училиште ќе учат  на далечина барем до есенскиот распуст, кој започнува во последната недела од октомври, кога ќе се преразгледа ситуацијата, пренесува СТА.

Јанша рече дека мерката ќе важи и за средните училишта и ги повика факултетите да работат што е можно повеќе преку Интернет.

Премиерот изјави дека седум од 12 словенечки статистички региони го надминале прагот од 140 нови случаи на вирусот на 100.000 жители во период од две недели.

Во тие седум региони кои се наоѓаат на црвената листа, движењето меѓу регионите ќе биде забрането, додека собирите ќе бидат ограничени на 10 лица.

Воведена е обврска за носење маски на отворено, а одредени активности, како што се спортски настани, ќе бидат откажани.

Станува збор за регионите Централна Словенија, Горењска, Корошка, Засавје, Посавје, Савиња и Југоисточна Словенија.

Мерките се воведуваат откако во Словенија веќе неколку дена има високи бројки на новозаразени, а вчера имаше 707 нови случаи, што е најголем дневен пораст на новозаразени од почетокот на епидемијата во таа земја.