Со оро во Пионерскиот парк граѓаните ги испраќаат членовите на Студентската листа на конститутивната седница
Народното собрание на Србија денеска треба да ја одржи конститутивната седница на која ќе биде утврден новиот парламентарен состав по парламентарните избори одржани на 25 октомври. Дел од регионалните медиуми, денешниот ден го оценуваат како почеток на нова етапа во земјата, со која завршува повеќегодишното владеење на Српската напредна партија (СНС) на поранешниот претседател на земјата, Александар Вучиќ.
Според резулатите од неодамнешните парламентарни избори, Студентската листа „Студентите победуваат“ освои убедлива победа со 53,1 отсто од гласовите, наспроти 38,98 осто колку што доби поддршка листата на СНС предводена од донеодамнешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ.

Разликата од повеќе од 623 000 гласови ѝ носи на Студентската листа, која произлезе од двегодишните антивладини протести поттикнати од трагедијата со падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, апсолутно мнозинство од 140 пратеници во 250-члениот парламент. СНС во новиот состав на законодавниот дом на Србија ќе има 103 пратенички мандати, додека преостанатите седум места ги делат претставниците на малцинските партии на националните заедници.
На конститутивната седница на Собранието на Србија, која е закажана за денеска во 10 часот, треба да се потврдат мандатите на пратениците, а потоа да се изберат претседател и потпретседател на Собранието, генерален секретар и членови на парламентарни комисии и делегации. Студентите ги поканија граѓаните да се соберат во Пионирскиот парк во 8 часот наутро за да ги испратат идните пратеници.
View this post on Instagram
Собирот во Пионирскиот парк веќе започна.
Присутни се голем број граѓани и кандидати на Студентската листа за пратеници. Се игра оро.
Постизборни тензии и обвинувања
Транзицијата на власта се одвива во атмосфера на зголемени политички тензии. Во пресрет на конституирањето на парламентот, од таборот на СНС, како и од самиот Александар Вучиќ пристигнуваат обвинувања на сметка на победничката листа за наводно спроведување „револуционерен терор“.

Овие критики доаѓаат по низата полициски акции во последните две недели, во кои поради различни кривични дела беа уапсени голем број високи полициски функционери, банкари, вработени во покраинската и локалната управа и директори на јавни претпријатија. Во меѓувреме дел од фунцкионерите на поранешната власт поднесоа оставки. Приведени беа и одредени претставници на академската заедница кои директно им се спротивставија на речиси двегодишните блокади на факултетите.
Од друга страна, извештаите укажуваат дека овие апсења и активности на обвинителството и полицијата се спроведени во период кога сè уште функционира техничката влада поставена од СНС, а должноста шеф на државата во технички мандат ја извршува претседателката на претходниот парламентарен состав, Ана Брнабиќ.
Најави за работата во парламентот и симболиката на 17 ноември
Вучиќ, кого медиумите блиски до неговата партија сега го нарекуваат лидер на опозицијата, преку социјалните мрежи најави дека ќе ја предводи пратеничката група на СНС, која најверојатно ќе го носи името „Србија против теророт“. Тој најави дека настапот на неговите пратеници ќе биде „цивилизиран и достоинствен“, без опструкции и инциденти, оценувајќи дека нивната пратеничка група ќе биде извор на стабилност и глас на слободна Србија.
И од Студентската листа порачуваат дека нема да ја опструираат работата на седницата, но инсистираат таа да продолжи веднаш по верификацијата на мандатите за да се забрза транзицијата на власта. Поради фактот што конститутивната седница се одржува на 17 ноември – Меѓународниот ден на студентите, Студентската листа побара во собраниската сала да биде дозволено присуство на студентска делегација. Истовремено, оттаму ги повикаа своите приврзаници да се соберат во „Пионерскиот парк“ пред зградата на парламентот за да ги испратат новите пратеници.
Како што пренесува телевизијата Н1 голем број кандидати за пратеници од Студентската листа и неколку стотици поддржувачи утрово пред 8 часот се собраа во Пионирскиот парк за да ги испратат кандидатите на денешната конститутивна седница на Народното собрание.
Групи кандидати од Студентската листа продолжуваат да пристигнуваат во паркот, а граѓаните ги поздравуваат со аплауз, јавува агенцијата Бета. Меѓу присутните се кандидатите за пратеници Александар Чупиќ, Марио Рељановиќ, Златко Кокановиќ, Зоран Ѓајиќ, Сара ел Сараг и десетици други. Кандидатите од Студентската листа во Пионирскиот парк ги поддржа и претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, како и други претставници на таа партија.
Протокол и процедура на конститутивната седница
View this post on Instagram
Според собраниските процедури, конститувната седница на српскиот парламент започнува со интонирање на државната химна „Боже правде“ и со распоредување на Гардата на Војската на Србија на влезот од Домот на Народното собрание. До изборот на нов претседател, со седницата претседава најстариот пратеник, кому во работата му помагаат по еден најмлад пратеник од четирите изборни листи со најмногу мандати и генералниот секретар на Собранието.
Парламентот се смета за конституиран со потврдување на мандатите на две третини од пратениците, по што тие положуваат свечена заклетва. На дневен ред на првата седница се и изборот на претседател и потпретседатели на Собранието, именувањето на генерален секретар, како и изборот на членови на работните тела и постојаните парламентарни делегации.
Претседателот на парламентот се избира од редот на пратениците на предлог на најмалку 30 пратеници, по отворен претрес и утврдување на листата на кандидати по азбучен ред на презимињата. Гласањето може да биде тајно или јавно, иако досегашната пракса налага јавно изјаснување. Со самото конституирање на Собранието и верификацијата на мандатите, официјално почнува да тече уставниот рок од 90 дена за формирање на новата Влада на Србија.