Занаетчиите се жалат дека се уште не им е исплатена помошта за плата за октомври


Занаетчиите, едни од најпогодените од кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 реагираат поради тоа што ветената помош од четвртиот сет мерки –финансиската помош за плата за октомври се уште не им е исплатена.

Ова се вели во реакцијата на Занаетчиска комора која е претставник на 15 регионални занаетчиски комори и ги застапува интересите на сите занаетчии од државава.  „Кризата предизвикана од КОВИД-19 ги погоди занаетчиите до степен што тешко можат да опстанат без ветената помош од државата, велат тие.

Притоа, објаснуваат дека занаетчиите имаат намален обем на работа, особено во овој период така што единствен излез и решение им е помошта од државата која ќе спречи затворање на голем број занаетчиски дуќани. Исто така, со оваа помош ќе се спречи зголемување на невработеноста.

„Сепак и покрај одобрените апликации на занаетчиите, финансиската помош од Владата се уште нема стигнато на нивните сметки, додека пак помошта за плати на други фирми за месец октомври веќе е исплатена“, се вели во реакцијата.

Од друга страна, додаваат, на занаетчиите почнаа да им стигнуваат опомени за неисплатена плата за месец октомври од Управата за јавни приходи затоа што рокот за исплаќање на плата според законските регулативи е 15 ноември.

„Најголем дел од занаетчиите не се во можност сами да ја исплатат платата. Освен тоа веќе имаат потврден одговор на апликацијата што ја поднесоа за помош од државата. Тие сметаа на оваа помош која засега не ја добија“, се вели во реакцијата.

Од Занаетчиска комора велат дека занаетчиите се благодарни на Владата и на надлежните министерства за одобрувањето на ваквата помош, но апелираат во најкраток можен рок да им биде исплатена помошта за месец октомври.

Исто така, занаетчиите би сакале навремено да им се исплати помошта за плата и за месец ноември без вакви доцнења и без опомени од УЈП.

„Ние како Занаетчиска комора на РСМ будно ја следиме ситуацијата и сме информирани дека сите сите фирми што се фискализирани ги имаат добиено овие средства од државата освен физичките лица што вршат занаетчиска дејност. Во комуникација со сите Регионални комори информирани сме дека ниту еден паушално оданочен занаетчија ја нема добиено финансиската помош од четвртиот сет мерки од Владата“, нагласуваат Управниот одбор на Занаетчиска комора.