Замрзнувањето на Историската комисија би било минирање на Договорот, вели Османи

Амбасадор во Софија ќе биде еден од најискусните дипломати во МНР, рече Османи. Медиумите веќе објавија дека тоа ќе биде Агнеса Руси, сегашна амбасадорка во ЕУ


 

Политиката на политичарите, историјата на историчарите.

Така министерот за надворешни работи Бујар Османи ги објасни последните настани околу работата на Комисијата за историски прашања и „радикалниот предлог“ на копретседателот од македонската страна Драги Ѓоргиев за прекин од две години на нејзината работа. Османи на денешниот разговор со новинарите рече дека досега не реагирале на изјавите на историчарите кои се членови на Историската комисија кога тие реакции се однесувале на историски прашања.

Но кога историчарите се мешаат во политичките работи тие ја преминуваат линијата.

„Замрзнувањето на улогата на Комисијата за историски прашања е минирање на Договорот за добрососедство. Тоа е веќе политичко прашање. Тоа не е содржинско прашање на нивната работа“, рече Османи.

Овој негов став соодветствува на некој начин со изјавите на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој неколку пати рече дека политичарите и министрите треба да го водат процесот на „новиот пристап“, а не историчарите. И дека Историската комисија е само еден од сегментите на вкупните односи, а не најважниот.

Но ставот на Османи историчарите да се занимаваат со историјата, како да не се слуша во бугарскиот дел од комисијата. Бугарскиот копретседавач Ангел Димитров денеска за БНТ изјави дека е „јасно оти постои притисок врз работата на комисијата од Македонија“.  И дека „секој обид да се прекине работата на Комисијата е гест на лоша волја и лошо постапување со Договорот за пријателство и добрососедство“. Димитров уште додаде: „Се надевам дека во Македонија има луѓе кои ќе разберат дека Бугарија не го крие клучот од европската врата, туку тоа го прават одредени кругови во Македонија. Клучот за ЕУ е во рацете на политичарите во Скопје, а не овде“.

Без да споменува име, Османи денеска рече дека за нов амбасадор во Софија бил предложен еден од најсикусните дипломати во Министерството за надворешбни работи, иако медиумите веќе објавија дека се работи за Агнеса Руси, која моментално е шефица на македонската мисија во Европската унија. Владата го прифатила предлогот на МНР за амбасадор во Софија, тој е испратен кај претседателот на државата.

„Амбасадор во Софија ќе биде еден од најискусните дипломати во МНР и намерно така е одлучено – искусен дипломат да се испрати во Софија во услови кога сакаме да ја вратиме довербата и да ги надминеме разликите. Меѓутоа, не можам да коментирам за името додека не се добие агреман. Барањето за агреман веќе е пратено во бугарското МНР, што значи дека е добиено одобрување од страна на претседателот“, рече Османи.

Следната недела двете министерства ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво по однос на политичкиот пакет на прашања.

Тој ја оцени вчерашната заедничка прослава на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев како добар политички гест кој може само да помогне да се подобрува амбиентот во меѓусебните односи.

„Ваквите политички гестови можат само да помогнат во амбиентот, бидејќи не треба секогаш разликите да се гледаат како негативни за односите меѓу двете држави, бидејќи мултиперспективноста е дозволена, па некогаш е и преферирана во интерпретациите на различните историски настани“, нагласи министерот.

Според него, сите прашања важни за Македонија и Бугарија ќе бидат меѓусебно поврзани во еден роковник, во рамки на еден договорен пакет, бидејќи „сметам дека само на тој начин ќе имаме гаранции дека тука го затвораме ова прашање и нема да разговараме за други прашања понатаму“. Преговорите меѓу двете земји продолжуваат преку комисиите, кои пат четири пати разговараат за иднина, а еднаш за историја.

Без да соопшти рокови, Османи уште еднаш потврди дека Бугарите ќе бидат запишани во Уставот.