Закрепнувањето на јавните финансии ќе оди побавно од владините проекции, смета Европската комисија


Од ЕУ јавно порачаа дека не се согласуваат со проекциите на Министерството за финансии и на Владата за темпото на стабилизирање на јавниот долг и на буџетскиот дефицит

 

Раст на домашниот бруто производ на Северна Македонија од 4 отсто, намалување на стапката на невработеност, зајакнување на јавната и личната потрошувачка, смирување на инфлацијата, но и побавно закрепнување на јавните финансии, што ќе значи и натаму високо ниво на јавен долг, предвидува Европската комисија во најновите Есенски економски прогнози.

Главните забелешки и загриженост се однесуваат токму на јавните финансии, за што од Европската комисија јавно порачаа дека не се согласуваат со проекциите на Министерството за финансии и на Владата за темпото на стабилизирање на јавниот долг и на буџетскиот дефицит.

„Закрепнувањето на јавните финансии се чини ќе се одолжи“, рече денес  Фрек Јанмаат, шеф на економскиот оддел во Делегацијата на Европската унија во земјава, презентирајќи ги есенските макроекономски прогнози за Северна Македонија. Овие прогнози ЕК ги прави четири пати годишно за земјите членки на ЕУ и два пати годишно за државите кандидати, меѓу кои и за Северна Македонија.

Зборувајќи за јавните финансии односно за фискалната консолидација, Јанмаат посочи дека кај приходната страна на Буџетот има закрепнување, со оглед на тоа дека компаниите ги подмирија своите даночни обврски.

„Во текот на кризата, како што знаете, на компаниите им беше дозволено да ги одложат плаќањата, а сега гледаме дека тие ги подмируваат своите обврски“, рече тој.

Јанмаат се осврна и на ребалансот на Буџетот во јуни годинава, кога фискалниот дефицит беше зголемен на 6,5 отсто од БДП  во споредба со примарниот од 4,9 отсто, а капиталните расходи беа зголемени за 24 отсто во однос на првичниот буџет усвоен на крајот на минатата година.

„Владата планира да го намали дефицитот на централната влада на 3,5 отсто до 2023 година, но ние мислиме дека мерките за консолидација односно начинот на кој што се очекува тоа да се направи е нејасен, особено со најавата за зголемување на јавното финансирање од Буџетот во текот на 2021 – 2025 година и на  значајниот пораст на инвестициите, делумно и од Буџетот“, рече Јанмаат.

Тој искажа резерви дека овој план целосното ќе се спроведе, односно мислат „дека е малку веројатно да се случи“, имајќи ги во предвид досегашните остварувања кај капиталните расходи во изминатиот период, како и малиот прогрес во делот на инвестицискиот менаџмент.

„Во изминатите години Владата тешко успеваше да ги реализира капиталните инвестиции и проектите за таа намена, на пример планот на инфраструктурата, енергетиката… Затоа сме критични во тој поглед“, рече Јанмаат,

Тој додаде дека спроведувањето на мерките од Шестиот пакет на антикризни мерки во текот на пандемијата веројатно ќе го зголеми и фискалниот дефицит, а одржувањето на висок фискален дефицит значи дека и јавниот долг не ќе може да се стабилизира до 2023 година.

Тој посочи дека се очекува овој долг да расте до 2023 година, но да остане под 60 отсто од БДП, кога станува збор за долгот на општата влада. Но, заедно со долгот на јавните претпријатија, кој е околу 8 проценти,  јавниот долг е над 60 проценти во однос на БДП.

Без долгот на јавните претпријатија се очекува во 2021 година јавниот долг да биде 54,5 отсто, во 2022 да изнесува 56,3 отсто и во 2023 година 58,1 отсто.

Одговарајќи на новинарско прфашање, тој појасни дека кај фискалната консолидација проценката на ЕК е дека ќе се пролонгира за една до две години. 

Во однос на инфлацијата, Јанмаат рече дека се очекува притисокот на цените да биде поумерен, но инфлацијата полека расте оваа година.

„Притисокот е главно на страна на понудата, односно зголемените цени на енергијата и прехранбените  производи и нарушувањата кај синџирите на снабдување, особено кај автомобилската индустрија. Се очекува до 2023 година овој притисок да се намали“, рече Јанмаат.

Во бројки тоа значи дека инфлацијата годинава ќе изнесува 3,3 отсто, наредната година 2,1 отсто и во 2023 година да се спушти на 1,8 отсто.

Во делот посветен на новинарски прашања, Јанмаат појасни дека во есенските прогнози не се земени предвид најновите случувања со РЕК Битола, кој не може да функционира во полн капацитет, туку биле земени предвид општите трендови, односно дека растот на цените на енергијата е од времен карактер и се очекува тие да се намалат до средината на наредната година.

„Економското закрепнување на Северна Македонија се одвива добро, со зајакнување на домашната и странската побарувачка. Се очекува тоа да се зацврсти во 2022 и 2023 година  преку надворешната побарувачка и јавната потрошувачка. Реалниот пораст на БДП во просек се очекува да изнесува 3,9 отсто во периодот 2021-2023 година. За оваа година се очекува раст на БДП од 4,0 проценти, наредната година 3,9 и во 2023  ќе изнесува 3,7 проценти“, рече Јанмаат.

Напредокот се очекува постепено да продолжи и во 2022 и 2023 година, врз основа на зголемувањето на домашната потрошувачка и побарувачката од странство.

Зборувајќи за прогнозите во наредниот период како и што може да влијае врз нив, Јанмаат рече дека ризиците се намалуваат. Сепак, позитивните прогнози за растот можат да се намалат доколку забави вакцинацијата или доколку биде потребно воведување други пандемиски мерки, или локдаун, како и нарушувања кај синџирите на снабдување.

Јанмаат уште една нагласи дека е неопходно да се зајакне фискалната одржливост и следствено на тоа Владата внимателно да го балансира повлекувањето на фискалната  поддршка со амбициозната инвестициска агенда.

„Свесни сме дека некои мерки мора да продолжат бидејќи ќе биде прерано да се повлече ваквата поддршка, особено  доколку нема самостојно закрепнување на економијата. Така што одредена поддршка е оправдана, но треба да се избалансира  со среднорочната цел за фискална консолидација“, рече Јанмаат.

Тој нагласи дека Северна Македонија, како и сите други земји, мора да биде подготвена за надворешни шокови  во иднина. Нивото на долг на нашата земја беше ниско и затоа беше можно да се определат вакви фискални мерки за поддршка во текот на пандемијата, како за граѓаните, така и за компаниите.

„Не очекуваме, но сепак, треба да се биде подготвен за можни удари во иднина“, рече Јанмаат, додавајќи дека фискалното сценарио значи подобрување во управувањето во фискалната сфера, а планирањето и спроведувањето на капиталните  расходи мора да се зајакне.

Сепак, како што нагласи процените за нашата земја во Есенските прогнози на ЕК, се како прогнозите за растот, се направени  пред сегашната состојба во Собранието.

„Сегашната ситуација не е земена во предвид при правењето на овие прогнози и тоа треба да се има на ум“, рече Јанмаат.

Одговарајќи на прашања на новинарите Јанмаат рече дека законот за Буџети, кој е во собраниска процедура, се темели на истите правила како и во ЕУ за висината на јавниот долг кој не би требало да биде поголем од 60 отсто од БДП, а дефицитот да не надмине 3 проценти од БДП.

„Доколку има негативни удари како што е пандемијата се дозволува одреден период да се надмине овој праг од 60 проценти, но мора да има соодветна програма за враќање под ова ниво, а земјава тоа во моментов го нема“, рече Јанмаат.

Тој додаде дека вкупниот јавен долг заедно со долгот на јавните претпријатија е на ниво од 63-64 проценти за оваа година, како и дека се очекува да расте до 2025.

„Ја советуваме Владата постепено да се врати кон фискалната консолидација, а тоа значи и намалување на нивото на долгот. Ако се усвои законот за буџети тоа ќе биде и законска обврска“, рече Јанмаат.

Запрашан дали Предлог-буџетот за 2022 година може да се смета за развоен, со оглед на предвиденото ниво на капитални инвестиции, Јанмаат одговори потврдно.

„Сепак, важна е имплементацијата, односно дали планираните износи навистина ќе се реализираат“, рече тој додавајќи дека за поздравување е и планот на Владата изработен заедно со ММФ со кој се следи реализацијата на капиталните расходи.

Тој рече дека главен фактор кој ќе придонесе за подобрување на животниот стандард, покрај растот на БДП, е вработувањето.

Запрашан дали ќе биде неопходно да се зголемат постојните даноци или да се воведат нови за да се зголема буџетските приходи, Јанмаат рече дека постојат две препораки: едната се однесува на прибирањето на даноците да стане поефикасно, при што ја посочи УЈП, што е можно преку подобрувања на софтверот, а втората е да сепрошири даночната основа и областите во кои се плаќаат даноци. (М.Ј.)