Законските измени за ред во подземната инфраструктура поддржани од матичната собраниска комисија
Предлог законите за изменување на Законот за градење и на Законот за градежно земјиште, по скратена постапка, денеска добија поддршка од матичната собраниска комисија која без расправа ги проследи во натамошна собраниска процедура откако констатираше дека не се поднесени амандмани.
Според предлагачот, Министерството за транспорт, со измените на Законот за градежното земјиште ќе се воспостави ред во линиската подземна инфраструктура (оптички кабли, телекомуникациска мрежа, водоводни и канализациски системи, гасоводни мрежи, нафотводи итн.) и првпат ќе се овозможи нивно впишување во евиденцијата во катастарот на инфраструктурни градби во Агенцијата на катастарот за недвижностите.
Целта е да се има јасен увид во целокупната линиска инфраструктура во државата заради соодветно и рационално планирање нови градби од тој тип.
Со измените се овозможува и општините да може да располагаат со градежното земјиште предвидено со урбанистички план за технолошко-индустриските зони а во насока на економски развој и можност за домашните компании полесно да ги реализраат своите инвестициски планови.
Предложените измени на Законот за градењето, пак, предвидуваат подобрување на условите за регулирање на имотно-правниот статус на базните станици на телекомуникациските компании, а преку тоа и поквалитетни и поефикасни телекомуникациски услуги за граѓаните.
– Дополнително, со измените во Законот за градењето се подигнува нивото на квалитет на технички преглед на градбите од прва категорија преку зголемување на критеруимите за формирање комисија за технички преглед и професионален пристап за спроведување на техничките прегледи на градбите од прва категорија, велат од Министерството за транспорт.