Законските измени за проектот со „Бехтел и Енка“ одат како владин предлог со европско знаме

Измените се однесуваат на петте закони кои беа во собраниска процедура како предлози на пратеници, но таму се заглавени


 

Наместо законските измени кои ги предложија пратениците за спроведување на договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10-д, а кои што се заглавени во Собранието, Владата денес донесе измени на пет закони кои со европско знаменце ќе ги достави до пратениците во законодавниот дом. На овој начин Владата сака да го деблокира процесот и да ја забрза изградбата на делниците од коридорите. Измените се однесуваат на законите за урбанистичко планирање и законот за градење, за експропријација, потоа на Законот за прогласување јавен интерес за изградбата на коридорите 8 и 10-д, и на Законот за работни односи.

Првиот вицепремиер Артан Груби рече дека договорот со „Бехтел и Енка“ е склучен според постојното законодавство, но доколку сакаме тој да се спроведе побрзо и поевтино, неопходни се законски измени кои таквиот процес ќе го забрзаат и поедностават

„Наместо проектот да чини 1,5 милијарди евра и две години подолго со постојните законски решенија, има можност да чини 1,3 милијарди евра со поефикасни решенија“, рече Груби на прес-конференција во Владата на која присуствуваа речиси сите министри кои што се во земјава.

Тој рече дека измените на предложените закони не ги бара ниту „Бехтел“ ниту „Енка“ туку, „ги бараме ние како институции за поефикасен систем за градење, не само за патиштата, туку за сите стратешки инфраструктурни проекти“.

Груби ја обвини опозицијата дека го користи и ова прашање за дневна агенда.

„Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брзо поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата Владата денеска усвои пет предлог-закони кои што ќе ги достави до пратениците“, рече Груби.

Тој посочи дека со оглед на фактот што Европската унија го додаде на мапата на европските коридори и Коридорот 8, како и неговото геостратешко значење заедно со Коридорот 10 и кракот 10-д, како и дека за овие закони веќе подолго време во нашата јавност се води дебата и во Собранието и во Владата и во медиумите, било одлучено законите да се предложат со европско знаме.

„Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратешки проекти само и само за дневна политичка агенда“, рече Груби. „Од пратениците зависи дали ќе се гради побрзо и поевтино или поспоро и поскапо. Ние сите заедно во Владата сме за опцијата побрзо и поевтино“, додаде тој.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ги објасни законските измени во два суштински закони и тоа Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење.

„Граѓаните имаат право да знаат дека овие законски измени не се однесуваат само на изградбата на коридорите 8 и 10-д, тие се носат со цел да ги забрзаме сите постапки за изградбата на патиштата, железничките пруги, гасоводите, енергетските градби и други инфраструктурни градби од јавен и национален интерес“, рече Бочварски, додавајќи дека овде спаѓаат и проектите финансирани со средства од страна на ЕУ и грантови што ги добиваме и други финансиски институции, како и магистралните гасоводи и железничката пруга кон Бугарија и Албанија.

„Нема заобиколување на постапките, нема скратување на фазите при градењето“, рече Бочварски, посочувајќи дека со законските измени се забрзуваат процедурите и се намалуваат роковите заради ефикасност и економичност во изградбата.

Во законот за урбанистичко планирање со предлог-измените се врши предвидување на нов вид урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува постапка со донесување и спроведување на овој урбанистички проект, појасни Бочварски.

Тој рече дека разликата од стандардната процедура во однос на овој урбанистички проект за градби од стратешки интерес е што роковите за постапување на институциите и прибавување на целата потребна документација и информации се многу пократки заради брзата реализација на теренот.

„Комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес се доставува во Владата и таа го донесува или не го усвојува урбанистичкиот проект“, рече Бочварски.

Во однос на Законот за градење тој рече дека се прифаќа нов модел на фазна градба каде на изведувачот му се дава право во исто време да проектира и веднаш потоа да гради. Измените на овој закон го олеснуваат процесот и ја забрзуваат градбата, вели министерот.

„Целта на измените е да се овозможи ефикасна градба и ставање во употреба на државните патишта, железничките пруги, магистралните гасоводи, енергетските градби и други инфраструктурни градби утврдени како градби од јавен интерес согласно закон или согласно одлука на Влада“, рече Бочварски, додавајќи дека се запазуваат сите фази во градењето, односно дека изведувачот изведува комплетен основен проект со сите фази како и сега, и тој проект мора да биде потврден со позитивна ревизија.

Аспектот на сеизмологија е запазен преку добивање мислење од надлежен институт од сеизмологија. „Само така изведувачот со претходно одобрен урбанистички проект ќе може да влезе на трасата и да гради по одобрување од страна на инвеститорот, односно Јавното претпријатие за државни патишта“, рече Бочварски.

Единствената разлика е што се намалува административната постапка, бидејќи инвеститорот ќе може да започне со фазна градба во одделни делови од една делница кои се со решени имотно- правни прашања.

На крајот на изградбата Министерството за транспорт и врски како надлежен орган дава одобрение за употреба, но претходно мора да се направи технички преглед и дали тоа е направено во согласност со проектот, како и проектот да е заверен од страна на надзорен инженер со пропратна ревизија, по што се дава дозвола за употреба.

„Сигурен сум дека со овој модел ќе постигнеме оптимални резултати во изградбата и модернизацијата на инфраструктурната мрежа“, рече Бочварски.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека со овој проект ќе се отворат 8.000 работни места и ќе придонесе со два отсто во растот на БДП.

Тој зборуваше во измените на Законот за експропријација, при што рече дека станува збор за појаснувања со кои ќе може да се применуваат и постојни решенија кои биле дел од законот.

„Има дел каде што живеат граѓани во свои куќи и станбени објекти на кои имаат поголеми потешкотии во поглед на дислокација. Иако процесот на експропријација се овозможува закупнина за граѓаните во одреден период и тоа во интерес на граѓаните. Ако е од јавен интерес постапката се забрзува, но притоа ниту еден граѓанин да не биде оштетен. Тоа решение го има во постојниот закон, но не можело да се имплементира затоа што не било прецизно“, рече Бесими, додавајќи дека сега се прецизира и се дава можност до 12 месеци плус шест месеци тоа да се направи.

Слично е и за правните субјекти, доколку се зафаќаат со експропријација.

Тој негираше дека со законските измени ќе се овозможи и нелегални објекти да бидат дел од експропријацијата, објаснувајќи дека во 2011 година е донесен Закон за легализација, меѓутоа заради постапката сѐ уште некои од тие процеси не се завршени.

„Доколку такви ситуации се наоѓаат низ имплементација на овој проект и на кој било друг во иднина, само за станбените проекти во законот за експропријација се овозможува надомест за закупнина за семејствата, доколку треба да се дислоцира“, рече Бесими.

Тој нагласи дека не станува збор за експропријација на објект кој е бесправно изграден и дека тие ќе течат по процедура по друг закон кој е донесен во 2011 година.

„Нема експропријација на нелегално изградени објекти. Има закон за легализација на бесправно изградени објекти од 2011 каде што имало рок до 2018 година и има доставени барања кои треба да завршат. Единствено што ќе се овозможи, ако има семејства што живеат, има постапка која не е завршена, им се дава еднакво гарантирано уставно право“, рече Бесими.

Другата законска измена се однесува на Законот за прогласување јавен интерес за изградбата на коридорите 8 и 10-д. Станува збор за дополнување на она што веќе постои во тој закон, а тоа се ослободувањата од данок на додадена вредност да се усогласат со веќе востановена пракса со другите закони за финансирање на инфраструктурни проекти.

„Значи, ослободување од сите давачки за промет. Тоа значи ДДВ, царини, акцизи во однос на сѐ што значи оптоварување или зголемување на трошоци на инвеститорот. Во конкретниот случај инвеститор е ЈПДП, финансирано од буџетот и сѐ што значи дополнителен трошок“, рече Бесими.

Тој нагласи дека ако проектот според физибилити студија изнесува 1,3 милијарди евра, и ако со ДДВ и други давачки ќе биде плус 20 отсто, доколку не поминат овие измени, значи дека толку дополнителни трошоци ќе влезат во Буџет, или како давачки ќе значат 260 милиони евра за кои државата ќе треба дополнително да се задолжи.

„Ова ни ги намалува трошоците за финансирање и второ, е пракса која што веќе е воспоставена, меѓутоа е земено само ДДВ“, рече Бесими, додавајќи дека сите компании што ќе бидат вклучени во изградба на овој проект нема да бидат ослободени од давачки како што се придонеси, данок на личен доход и данок на добивка, туку дека се ослободуваат од давачки што се однесуваат на промет – ДДВ, акциза, царина што ги намалува трошоците за државата како инвеститор.

Во однос на Законот за работни односи, првата измена се однесува на одредбата која се однесува на прекувремената работа, односно на потребата од континуитет во работата на овој проект, а која може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно.

„Работата над 40 часа неделно ќе се смета и ќе се плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор“, рече заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин.

Работникот ќе има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни денови во текот на 24 часа, посочи тој.

Исто така работникот има право на неделен одмор од најмалку 24 часа непрекинато плус 12 часа дневен одмор.

Хусејин рече дека измените на законот предвидуваат работата да може да се спроведува и во недела. Со измените исто така се регулира и местото и начинот на исплата на плата на работници на проекти од национален и стратешки интерес .

„Измените нема да претставуваат експлоатација на работниците и нарушување на нивните права загарантирани со закон“, рече Хусеин.

Тој додаде дека прекувремената работа секогаш постоела во градежништвото особено ако се работи за национален интерес.

„Прекувремената работа не значи 60 часа неделно, но и не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа. Тоа ќе зависи од временските услови за работата на терен, односно поинтензивно ќе се работи во месеците во пролет, лето и средината на есен. Истовремено, прекувремената работа ќе зависи од активностите на процесите на трасите што значи дека ќе има денови кога воопшто ќе нема потреба од прекувремена работа“,  рече Хусејин.

Тој додаде дека секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор, како и дека секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено, а доколку не сака нема да биде принуден да работи со сила прекувремено.