Андоновски: Оние што ќе ја користат вештачката интелигенција, ќе напредуваат побргу, другите ќе стагнираат
Прашањето и за бизнис-секторот и за државата ќе биде: оние што ќе ја употребуваат вештачката интелигенција, ќе може да се надеваат на забрзан напредок, а оние што нема да знаат и нема да може да ја користат вештачката интелигенција, ќе бидат заглавени без напредок или во стагнација – изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски пред почетокот на конференцијата на МАСИТ – „Употребата на вештачката интелегенција како агент“.
– Сакам да потенцирам дека како Влада продолжуваме да ја поддржуваме ИКТ-индустријата во државата. Два големи проекти што ги реализираме, „Дигит мак“ и „Инофејт ЕДИХ“, значат директна поддршка на малите и средните компании преку дигиталната трансформација. За таа да се случи, потребни им се домашните, македонските ИТ-компании, кои се тука на пазарот, членки на МАСИТ, но и надвор од Комората, така што и во периодот што следува ќе поддржуваме проекти што значат дигитална трансформација на бизнисите или на обука, употреба на вештачката интелигенција, затоа што мораме да го фатиме приклучокот – изјави Андоновски.
Во однос на употребата на вештачката интелегенција во институциите, тој рече дека како и за сите државни институции во регионот и во Европа, ова е нов феномен и за државните институции во Македонија.
– Затоа и ја почнавме „Везилка“, проект од над 5,5 милиони евра, со кој работиме во пет сектори што ја зафаќаат и јавната администрација. Тоа значи градење голем јазичен модел на македонски јазик и потоа негова имплементација во јавниот сектор. Првин преку обуки да бидат подготвени вработените во јавниот сектор за примена на овие алатки, а потоа преку практични примери употреба на алатки за вештачка интелигенција и на нив да базираме определени системи. Прв таков меморандум веќе потпишавме во Собранието, исто така и во Министерството за образование, имаме еден проект кај нас што ќе почне, исто така потпишавме и меморандум, што значи дека полека ќе почне да се користи – рече Андоновски.
Министерот нагласи дека клучот ќе биде институциите побргу, исто така и малите и средните претпријатија побргу да прифаќаат употреба на вештачката интелигенција за да ги забрзаат процесите, да си помогнат во сопствениот раст, а јавната администрација побргу да испорачува услуги за граѓаните.
На прашањето колку Македонија заостанува во однос на вештачката интелигенција со европските земји, Андоновски рече дека ние имаме еден крупен недостиг на кој работиме целиот изминат период – тоа е непостоењето големи податочни центри, кои таа вештачка интелигенција ќе ја процесираат тука во Македонија.
– Предолго време се залажуваме дека со употреба на туѓи податочни центри, туѓи системи и туѓи агенти ќе успееме да развиваме македонски развој. И тоа не се случува затоа што македонскиот јазик е мал, немаме голем јазичен модел на македонски јазик затоа што нема каде да се изгради. И тука ќе биде клучната разлика што се обидуваме да ја направиме: привлекување инвестиции во центри за податоци, изградба на Националниот податочен центар и на тој начин инфраструктурно да ѝ се приближиме на Европската Унија – истакна Андоновски.

Нагласи дека во однос на талентот, вештините и знаењата, тука воопшто не заостануваме како држава и оти сме на исклучително квалитетно ниво, што ги покажуваат и резултатите на македонските ИТ-компании.
Во врска со заштитата на лични податоци на „М.услуги“, истакна дека нивна задача како институција е да ја гарантираат безбедноста на личните податоци во владините системи, а задача на институциите е да кажат како тоа протоколарно треба да се изведе од аспект на документи, план, проект, што веќе го работиме, и мислам дека до крајот на годината ќе успееме да го затвориме ова прашање.
– Треба да кажам дека податоците што се содржат во електронската верзија на личната карта и на возачка дозвола веќе се сместени во системите на Министерството за внатрешни работи. Значи, не се чуваат на некое ново место, не ги влечеме оттаму, па да ги пласираме на друга локација, туку тие си се постојано таму, на ист начин се заштитени како што биле заштитени сите овие изминати години, не менуваме ништо во начинот на заштита, но наша обврска е да ја заштитиме „М.услуги“ како мобилна апликација и тоа го правиме во моментот – рече Андоновски.
Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, истакна дека вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината, туку е реалност, се случува сега и влијае и ги менува тековите и начинот на работа на компаниите и, генерално, на целата економија во светот.

– Денешната дискусија ќе биде како практично ќе ги примениме технологиите, како практично ќе ги примениме иновациите и вештачката интелигенција во промената на работата и водењето бизнис на компаниите. Целта на МАСИТ е да ја зајакнеме ИКТ-индустријата и воедно да станеме двигател на промените и развојот на економијата и развојот и конкурентноста на македонските компании – истакна Димитровски.
Тој посочи дека според истражувањата на Stack Overflow, повеќе од 85 отсто од ИТ-професионалците веќе користат ИТ-алатки и вештачка интелигенција, што значи дека денес ВИ е доста искористена, особено во ИКТ-индустријата.
– Во другите индустрии можеби не е толку сè уште, но затоа тоа е наша работа и да им дадеме импулс на другите индустрии и на другите економии повеќе да ја користат вештачката интелигенција и со тоа да станат поконкурентни на регионалните, па и на глобалните пазари. Јасно е дека јуниор инженерите и новите кадри што излегуваат од факултетите потешко доаѓаат до работни места, но ние препорачуваме и разговараме и во дијалог сме и со академската средина како во процесот на едукација да има повеќе практична настава, студентите повеќе да користат алатки и веќе кога ќе излезат, кога ќе дипломираат, да имаат некое знаење како да се вклучат во работните задачи. Тие репетитивни процеси на кодирање одредени софтверски решенија, за жал или за среќа, не само во ИТ-секторот, сите технички, сите репетитивни процеси полека, но сигурно ќе ги заменува вештачката интелигенција – посочи Димитровски.
Според него, не може да се каже дека вештачката интелегенција ќе придонесе за губење на работните места, туку повеќе за трансферирање од едно работно место на друго.
– И во МАСИТ и во Комората гледаме дека, особено во нашиот сектор, има недостиг на кадри. Имаме недостиг на кадри за кибербезбедност, имаме недостиг на дата-професионалци, имаме недостиг во многу сфери. И, генерално, не сметам дека луѓето ќе останат без работа, само ќе треба да се преквалификуваат, на правилен начин да најдат како да ги користат и вештачката интелигенција и сите иновативни технолошки алатки. Така што, сметам дека можеби подобро и полесно ќе дојде за идните генерации отколку за нашата – рече Димитровски.

Со учество на домашни и меѓународни експерти, претставници на водечки светски технолошки компании и деловната заедница, денеска во Скопје започна годишната конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, посветена на агентската вештачка интелигенција (Agentic AI) и промените што таа ги носи во начинот на кој работат компаниите и функционира современото општество.
Во фокусот на конференцијата е новата фаза во развојот на вештачката интелигенција, во која интелигентните системи добиваат можност самостојно да планираат и извршуваат сложени задачи, да користат различни дигитални алатки и да учествуваат во деловните процеси со значително поголем степен на автономија. Преку презентации, разговори и панел-дискусии, учесниците ги разгледуваат можностите што ги отвора оваа технологија, но и прашањата поврзани со нејзината примена, контролата и одговорноста.
Конференцијата започна со сценскиот перформанс „Протокол 2031“, оригинален уметнички концепт што ја пренесе публиката во Скопје во 2031 година. Преку соочување на два лика во свет во кој автономните интелигентни системи имаат сè поголемо влијание врз човечките одлуки, перформансот ја отвори дилемата за границите на технолошката автономија, човечката контрола и иднината на односот меѓу човекот и машината.