Законот за правична застапеност не може да се прави во штабот на „Вреди“, вели Филипче


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва изјави дека не може еден толку важен закон, како тој за правичната застапеност во институциите, да се прави во партиски штаб. Оној на „Вреди“.

Во интервју за Сител тој рече:  „Од ‘Вреди’ најавуваат дека се работи на некој закон, а министерот за правда вели дека не е информиран. Ова е многу чувствително поле кое бара широки консултации, вклучување на експертската јавност, во што ние ќе се вклучиме и ќе дадеме свој придонес“.

Во однос на процесот на изработка на закони, Филипче нагласи дека тие не треба да се прават во партиски штабови. „Не смееме да дозволиме ваков еден закон да се прави во некој партиски штаб на ‘Вреди’“, рече тој. Според него, правичната застапеност на сите групи е важен аспект и е дел од еден инклузивен процес. „Сметам дека е потребна правичната застапеност на сите групи, ако треба да се дискутира и за тоа кои групи и како ќе бидат вклучени. Во контекст на нов закон и нов предлог, апсолутно ќе поддржиме каква било јавна расправа. Впрочем, ние сме тие коишто секогаш повикува да има јавна расправа за сериозни закони, на пример, повикавме да има јавна расправа за законот за заемот за Унгарија, за која за жал, Владата не се сложи,“ изјави Филипче.

Тој додаде дека законите и уставот треба да служат на луѓето, но дека со тек на времето потребите се менуваат. „Секој закон е направен да служи на една група на луѓе кои живеат во едно одредено време, на едно одредено место. Со тек на време, потребите се менуваат“, објасни тој.