Законот за амнестија утре пред Влада
Законот за амнестија за помали кривични дела се очекува утре да се најде на седница на влада, најави премиерот Димитар Ковачевски според кого тој и претходно бил разгледуван, но заради технички усогласувања со секторот законодавство даден е период до утрешната седница.
-Откако ќе биде усогласен ќе биде поднесен до Собранието, потоа од пратениците зависи дали ќе биде донесен, во која форма и кога, рече Ковачевски.
Прашан зошто на Кривичниот законик не е потпишан министерот за правда туку заменичката Ковачевски рече дека согласно Законот за Влада може да биде потпишан или од министер или заменик министер, а во зависно од тоа кој бил вклучен во процесот.
-Јас не можам да зборам во име на други, но таа одлука е донесена едногласно на Влада, помината е во Собрание и е усогласена со законодавството на Европска Унија. Еве земете го германското законодавство, јас многу добро го знам германското законодавство и ќе видете какви членови има и ќе видете дали има такви членови кои кај нас ги има. Потоа земете ја висината на казните во Словенија, бидејќи ние за некои работи сакаме да се повикуваме на Германија, сакаме да се повикуваме на Словенија, ама некогаш сакаме да не се повикуваме ниту на Германија, ниту на Словенија, туку ако може да се повикаме на Азербејџан, Казахстан… знаете тоа некако ми изгледа со двојни аршини, вели Ковачевски.
Според него се е сработено во согласност со закон и со процедурите и не гледа ништо спорно, дотолку повеќе што потврда имало и од експертите.
-Сакаме да кажеме дека во ЕУ не владее право? Еве јас ќе ви поставам прашање, вие јавете се во Брисел, кога во Европскиот парламен ги фатија дека местеле светско првенство во фудбал, проверете по кој член од кривичен законик ги гонат. Еве истражувачка новинарство малку во Брисел да видеме по кој член од кривичен законик ги гонат, вели Ковачевски.
Посочи дека Европската комисија укажала на употребата на европското знаменце на носењето на измените, но вели Ковачевски дека има табела во којашто има усогласеност со директивите 42/2014 итн. Значи има коресподентна табела во однос на усогласувањето, рече Ковачевски.
Прашан за кавгите во ВМРО ДПМНЕ, Ковачевски со одговор дека не сака да коментира динамика во други полтички партии.
-Јас неколкупати имам кажано дека клучна работа во државата е да сите се обидинеме во градење на една европска држава, за да заедно во Собранието го отвориме патот кон полноправно зачленување во ЕУ. Ние пред една година започнавме процес на скрининг, кој значително успешно се одвива и затоа никој не поставува прашање. Да се одвиваше лошо, веројатно ќе имаше прашање за скринингот. Меѓутоа тој успешно се одвива, вели Ковачевски.
Тој истакна дека претстои одлука во Собранието со двотретинско мнозинство за уставните измени, а со цел да се отворат поглавјата и кластерите. Ковачевски е оптимист дека штом ќе се остварат кластерите, првото поглавје ќе биде затворено уште во февруари 2024, бидејќи во тој дел нашата држава е подготвена институционално, законски и со кадровскиот потенцијал.
-Јас секогаш сум верувал дека во опозицијата има луѓе коишто сакаат да ја видат земјата како земја членка на ЕУ. Ако некој ја увидел грешката од изолација на државата, тоа е ВМРО ДПМНЕ, подвлече Ковачевски.
Забележа дека носењето на стратешките одлуки за државата е тешко, а нашата држава според Ковачевски го имаше најтешкиот пат за зачленувањето во НАТО, а сега и во ЕУ.