Зајкова: Големите партии пак се амнестираа, правда „по мерка на помоќниот“
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи го коментираше донесувањето на новиот Кривичен законик.
„Со новиот Кривичен законик кој си го изгласаа т.н. големи партии, кривичните дела на функционерите повторно ќе си застаруваат како до сега, а министрите и директорите целосно се амнестираат од несовесно работење — правда по мерка на помоќниот“, пишува Зајкова во својата објава.
Со 76 гласа „за“ и само еден „против“ и без ниту еден прифатен амандман на комисиската расправа и забелешка од експертите, народните избраници ги изгласаа измените на Кривичниот законик кои ги предложија пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. До изгласувањето доаѓа откако за цели четири месеци беше надминат шестмесечниот рок поставен лани од Уставниот суд за да се сменат спорните промени. Измените се изгласаа без многу дискусии, при што пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, кажа дека нема да гласаат.
–Со ваквото законско решение имаме намалување на казните за злоупотреба на службената положба и делата поврзани со јавни набавки се декриминализираат. Со ова законско решение се предвидуваат само две законски основи за гонење злоупотреби на јавни набавки кои воопшто ги нема во практиката. Системскиот Кривичен законик не го гледаме, не го донесе ниту оваа ниту претходната власт. Ова е само „шминкерско“ решение, колку да се запази рокот што го даде Уставниот суд. Ако власта имаше искрени намери, ќе го препишеше законското решение од 2023 година, кое предвидува многу поригорозни казни. Со ова решение ќе има побрзо застарување, рече Мојсоска.
Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека со измените се исправа една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година.
– Претходната власт ги ублажи казните за корупција, ги избриша клучните одредби за злоупотреби во јавните набавки и беа создадени услови за застарување на предмети од висок профил. Новите законски решенија ја враќаат суштината на казнената политика. Се воведува и ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки и материјали и друго , рече тој.
Реагираше и Реџеп Исмаил од Левица кој ги потсети ВМРО-ДПМНЕ дека тие му направиле кворум на СДСМ да ги изгласа претходниѕе измени и дека многумина беа амнестирани заради тоа.
„ Денеска, во Собранието се гласаа измени на Кривичниот законик, владејачкото мнозинство предводена од ВМРО ДПМНЕ, откако пред една година го одби предлогот на Левица стореното кривично дело „телесна повреда“ да се гони по службена должност, денеска, по една година, истото решение го инкорпорирале во новите измени. И, ок е тоа, но за жал секое доцнење кошта животи. Оттогаш до сега имаме дури 4 жртви на фемицит и којзнае уште колку неефектуирани пријави. Правите едно добро, заедно со други 5 лоши решенија, затоа Левица не ги поддржа овие измени.