Загинатите во несреќата во Чаир се браќа


Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи извршија увид на местото во општина Чаир каде денеска две лица починаа при вршење ископ.

-Несреќата се случила откако бил направен ископ на потегот од станбена зграда до улицата „Ресенска“ со цел поставување на одводна канализација. Четири лица, татко, двајца синови и близок роднина, копајќи во близина на паркинг, ги поместиле плочките бекатон и ископале дупка за поставување на цевките. Во моментот кога во ископот се симнале три лица, се срушил дел од земјата која била околу ископот, при тоа затрупувајќи целосно две лица. Од настанатите повреди браќата, на возраст од 26 и 28 години починале на лице место. Третото лице, нивен роднина кој бил со нив во ровот бил делумно затрупан и се здобил со телесни повреди, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.

Несреќата се случи денеска околу 11:00 часот. Двајцата загинати биле браќа кои работеле во компанијата која е во сопственост на нивниот татко. Неофицијално, повреденото лице е нивниот зет.