Загина работник во нуклеарната централа „Запорожје“ во напад со дрон


Вработен во нуклеарната централа „Запорожје“ во Украина загина во напад извршен со беспилотно летало, соопшти синоќа Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Загинатиот работел како заварувач во централната работилница за поправки на централата, објави МААЕ на социјалната мрежа Икс.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, рече дека секој напад врз персоналот на нуклеарна централа е неприфатлив и ги повика завојуваните страни да покажат максимална воздржаност за да се избегне опасност од нуклеарна несреќа.

Агенцијата не соопшти детали за нападот, ниту дали бил извршен од руските или украинските сили.

„Запорожје“ е најголемата нуклеарна централа во Европа со шест реактори. Таа премина под руска контрола кратко по почетокот на војната во Украина и оттогаш неколкупати беше цел на напад.

Иако реакторите се исклучени, неопходно е нивно постојано ладење. МААЕ има постојан тим во централата што ја следи состојбата.

Во други напади во Украина вчера загинаа најмалку 20 лица. Четиринаесет лица загинаа во руски напад со дрон врз железничка станица во Днипро. Во Киев, во напад со руски балистички ракети загина едно лице, додека во Чернигов загинаа две 15-годишни девојки, а во Кременчук три лица.