Руски напади врз Киев и украинската воена и енергетска инфраструктура


Најмалку едно лице загина во руски ракетен напад врз Киев, соопшти градската воена администрација.

Градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко, соопшти дека во Дарницкиот реон се погодени магацински објекти што по нападот се запалиле, додека остатоци од ракета паднале во дворот на станбен комплекс во Днепровскиот реон. Тој упати повик до населението да се засолни.

Руското Министерство за одбрана изутринава потврди дека руските сили погодиле украински воени објекти и енергетска инфраструктура во Киевската и Днепропетровската област, како и пристанишни објекти и пловни објекти во Одеската област, за кои тврди дека ги користат украинските вооружени сили.

Според руското Министерство, нападот бил изведен со прецизно оружје како и со беспилотни летала. Цел биле и украински претпријатија што произведуваат и складираат беспилотни летала со голем и среден дострел.