Поразениот Флавио Болсонаро цел на критики од сопствениот табор поради заминувањето од Бразил


Флавио Болсонаро е син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро

Откако тајно замина во САД, поразениот бразилски претседателски кандидат Флавио Болсонаро се соочува со критики во рамките на сопствениот политички табор поради неговите неосновани тврдења за изборна измама.

„Никој не го одобри писмото (со обвинувањата)… Сакаме да ја придвижиме земјата напред“, изјави Валдемар Коста Нето, претседател на десничарската Либерална партија (ПЛ) на Болсонаро.

Дури ни неговиот татко, поранешниот претседател Жаир Болсонаро, кој минатата година беше осуден на долгогодишна затворска казна поради обид за државен удар,  не знаел за заминувањето на неговиот син, рече Коста Нето по посетата на поранешниот шеф на државата.

По поразот во вториот круг на изборите на 25 октомври од претседателот Луиз Инасио Лула да Силва, Болсонаро објави отворено писмо во кое изборите ги опиша како „одвратна изборна измама“.

Тој исто така се прогласи себеси за „вистински“ и „избран претседател“ на најголемата и економски најсилната земја во Јужна Америка. Подоцна го промени изразот во „лидер“ на Бразил, но остана при своите тврдења. 

Болсонаро не понуди никакви докази за изборна измама. Изборната комисија ја потврди победата на Лула со освоени 51,8 отсто од гласовите, наспроти 48,2 отсто за Болсонаро.

Поранешниот координатор на кампањата на Болсонаро, Рожерио Марињо, ги отфрли обвинувањата за измама.

„ПЛ не може да излезе со такво тврдење, а не можам ниту јас, бидејќи за тоа нема докази“, рече Марињо. Истовремено, тој продолжи да го опишува Болсонаро како една од најважните фигури на бразилската десница.

Тарсисио де Фреитас, гувернерот на Сао Пауло и клучен сојузник на Болсонаро, повика на почитување на изборните резултати.

„Ги разбирам чувствата на Флавио, ја разбирам неговата огорченост и револт – чувства што ги делат и многу други Бразилци. Но, мораме да го почитуваме изборниот резултат и да гледаме кон иднината“, изјави тој.

И покрај судската забрана, изречена во рамките на истрага за перење пари, Болсонаро по изборите тајно замина за Мајами. Тој ја преминал границата со Аргентина со своето семејство во вторникот вечерта, каде што медиумите наведуваат дека го користел својот италијански пасош, кој го поседува заедно со бразилскиот, а потоа отпатувал за Мајами преку Еквадор.

Во Аргентина, пратеничката Марсела Пагано поднесе кривична пријава против претседателот Хавиер Милеј и побара истрага за прекршување на службената должност.

Владата ги отфрли обвинувањата: Болсонаро влегол и ја напуштил земјата со соодветна документација, изјави шефот на кабинетот Диего Сантили.

Пред ова, Болсонаро не ја почитувал наредбата на Врховниот суд во Бразил да ги предаде своите пасоши во рок од 24 часа. Политичарот негира какво било кривично дело и тврди дека е предмет на политички прогон.