Заев: Заедно одиме напред со Стево Пендаровски!


Претседателот на СДСМ Зоран Заев, на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, му порача да ги чува граѓаните, да биде правичен и критичен.

„Водевме достоинствена и европска кампања. Северна Македонија покажа врвни демократски капацитети. Покажавме уште еднаш дека сме подготвени за Европа. Никој не може да застане на патот на европските перспективи“, рече Заев.

„Исходот од денешните избори е потврда  дека растеме уште повеќе и дека донесовме одговорна одлука и дека заслужуваме да одиме напред. Нашето место е во НАТО и во ЕУ, поразени се деструктивните политики на поделби и немање став,.. Како централна и локална власт во соработка со новиот претседател остануваме посветени на нашите приоритети, полноправна членка на НАТО и почнување на преговорите со ЕУ, продолжуваме да ги насочуваме парите кај граѓаните, ги отстрануваме слабостите во владеењето кои предизвикаа реакција кај јавноста, ставаме конечен крај на поделбите и заедно градиме обединување внатре и сојузништво надвор“,потенцира Заев.

Пресмета дека од преброени 96,5 од гласовите, Стево Пендаровски има освоено над 423.000 гласови, а Силјановска нешто над 370.000 гласови.

„Продолжуваме да ги насочуваме парите кон граѓаните. Продолжуваме да ги отстрануваме слабостите. Сите функционери мора да му служат на народот.
Ќе покажеме како се постигнуваат европските реформи. Напредокот на Северна Македонија, ќе биде пример за регионот“, порача Заев.

„Избравме во заедништво и европски дух, достоинствен претседател на државата. Заедно одиме напред со Стево Пендаровски!
Честитам претседателе на Република Северна Македонија, да ни ги чуваш и да ни ги штитиш граѓаните. Биди секогаш правичен и критичен.
Еве ги резултатите кога се слуша граѓанскиот глас“, рече Заев.