Заев за Села: Човек што тресе такви забегани и налудничави работи не е достоен ни да го тужам


 

„Ќе искористам една реченица која ја прочитав неодамна – Македонија е остров на рационалност, ама и океан на лудило и забеганост“. 

Вака поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев во изјава за „Фокус“ одговара на обвинувањата на Зијадин Села од Европскиот фронт, кој во интервју за „Фокус“ рече дека Заев му дозволил на Никола Груевски да ја напушти државата поради високиот рејгинг, а на последните избори дејствувал во корист на Христијан Мицкоски да постигне апсолутна победа.

„Колку треба човек да е желен за власт за да може да каже вакви забегани и налудничави работи. Зарем има нормален човек кој може да поверува дека Зоран Заев може да биде против СДСМ? Повеќе од 9 години сум бил претседател на СДСМ и повеќе од 7 години потпретседател на СДСМ. Со мене на чело два пати ја донесовме СДСМ на власт. Нема потреба да потсетувам што се сум поминал јас и моето семејство, како и многу други истомисленици од „раката“ на ВМРО-ДПМНЕ последните 25 години. Кога го читав тоа што го изјавил за мене, си помислив дај Боже да не е човекот ваков од пресилните удари од вмровците инструирани и организирани од Груевски на 27-ми април 2017-та година. И, 3 години откако како сум заминат од политика, моето име и името на моето семејство вмровците го напаѓаат повеќе отколку на двајцата претседатели на СДСМ што се по мене“, реагира Заев.

Инаку Села во интервју за Фокус посочува дека Гуевски избегал во Унгарија со знаење на Заев. Според него, Заев во Груевски гледал проблем поради високиот рејтинг, и покрај тоа што во тој период против него се покренуваа кривично-правни постапки.

 

„На Заев му требаше Груевски да избега како што избега за да падне неговиот рејтинг кај граѓаните и пред неговото членство. Мислам дека тоа му отвори пат на Груевски да избега, зашто многу држави треба да се поминат, не е толку едноставна таа работа за таква политичка фигура“, рече Села, кој додава дека слушнал информации дека претходната власт сакала да го врати Груевски, но тој не бил дел од таквите планови.