Заев: Нема дилема кога се употребува на Северна Македонија, а кога македонско


Пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ го праша премиерот Зоран Заев во Парламентот зошто, откако грчката влада се налути затоа што фудбалската репрезентација ја именуваше како македонска и се извини на Грција. Заев објаснувајќи ги одредбите од Преспанскиот договор рече дека е коректно што признал дека направил грешка со „македонска фудбалска репрезентација“ и порача пратеничката да не се грижи за идентитетот, зашто ФИРОМ е минато.

„Нели придавката македонска е дозволена со Преспанскиот договор, а именувањето со Северна Македонија се однесува на државни институции, а ФФМ не е тоа, и зошто велевте дека македонскиот идентитет е бетониран, кога има информации дека се преговара и за тоа? До каде ќе одите со понижувањето на македонскиот народ? Едни изјави давате дома, а други во странство”, рече Лашкоска во прашањето упатено до Заев.

„Едни изјави дома, а други надвор дава вашиот лидер Мицкоски. Јас тоа што го кажав, го кажав дома. Јас го преговарав Преспанскиот договор, тој е преточен во закон, и точно знам какви се одредбите. Самите кажавте дека Северна Македонија не важи како придавка. И точно е тоа. Но, кога велите – фудбалска репрезентација на… да, таа е на Северна Македонија. Коректно е кога ќе се згреши да се признае. Да, бетониран е македонскиот идентитет. Денеска и за грчките политичари нема дилеми кога се употребува северна, а кога Македонец, македонски. Порано за цел свет бевме ФИРОМ, само дома Република Македонија. Денес за цел свет сме Северна Македонија, за цел свет сме Македонци кои говорат македонски јазик. За идентитските прашања, нема преговори и нема да има преговори”, одговори Заев.

„Во ваш стил одговоривте – закукулено, замумулено… Критична е работата за идентитетските прашања, останува уште да санкционирате граѓани кога на социјалните мрежи пишуваат Македонија”, возврати Лашкоска и рече дека нема дополнително прашање за премиерот.