Заев во Струмица: Кога го гледам Костадин се гледам себеси


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е целосно сигурен дека на локалните избори во Струмица ќе победи партискиот кандидат за градоначалник, Костадин Костадинов. „Повеќе од сигурно е дека на 17 октомври ќе се случи по СДСМ – СДСМ, по Коста – Костадин“, порача Заев вечерва на митингот во Струмица

Според него, СДСМ секогаш била партија која била предводник на промените, која им дава шанса на младите, на новата енергија кај нив. Тој рече дека одлуката кој ќе биде кандидат за градоначланик била тешка, но одлучиле да му дадат шанса на Костадин Костадинов, на младоста.

Процесот на давање на шанса на младите, нагласи Заев е веќе почнат секаде низ државата и на голем број раководни позиции поставивме млади кадри со што им ја доверуваме одговорноста за сегашноста и иднината на нашата држава.

Кога го гледам Костадин Костадинов, рече Заев, како да се гледам самиот себеси и верувам во него и сите 23 кандидати од советничката листа на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.

„Јас станав градоначалник на 30 години, а и тој е тука некаде. И тој минува слични скалила, полн и со енергија, младешки дух и желба своите капацитети да ги вложи во доброто на својот град и своите сограѓани на дело. Впрочем, тој се покажа мошне успешен во менаџирањето со општината уште во времето на неговото десетмесечно извршување на функцијата в.д. градоначалник“, порача Заев.

Коалицијата предводена од СДСМ денеска имаше настани и во Ново Село, Босилово, Василево.

На граѓанската трибина во општина Струмица, Заев најави дека ќе воведат навистина дигитален онлајн систем за директен контакт на градоначалникот и советниците со граѓаните и постојана брза ефикасна размена на информации за услуги од надлежност на локалната самоуправа, како и соработка со НВО секторот и учество на нивен претставник како соработник во кабинетот на градоначалникот.